21.09.2012, 17:05 Јонуз ја „доби“ ФФМ во Лозана
Ексселекторот има право на отштета од 150.000 евра за предвремениот раскин на договорот
Поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз го доби судскиот спор со Фудбалската федерација на Македонија, кој траеше речиси една година пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС) во Лозана, чии одлуки се правосилни и без право на жалба. Јонуз ја тужеше ФФМ за предвременото раскинување на селекторскиот договор.
„Ова е голема сатисфакција за мене. Судот го водев со едно раководство на ФФМ, а одлуката ја добив во време на друго. Оваа одлука треба да биде поука за сите фудбалски работници во земјава кои се оштетени и кои немаа сила да побараат правна и меѓународна заштита“, изјави победникот во спорот.
Јонуз во јули минатата година беше разрешен од Управниот одбор на ФФМ со гласање, и покрај членот од договорот во кој стои дека во случај на раскинување пред октомври 2012 година, тој има право да покрене судски спор во Лозана и да добие отштета од 150.000 евра. Покрај парите за отштетата, Јонуз побарува и две плати што не му беа исплатени по неговата смена, а станува збор за околу 15.000 евра.
Мирсад Јонуз е првиот тренер кој добива судски спор со ФФМ. Одлуката на судот во Лозана беше очигледна и очекувана со оглед на тоа дека Јонуз имаше цврсти докази и договор заверен пред судските инстанци во земјава. ФФМ по неговата смена го назначи Џон Тошак за наследник, но Велшанецот не траеше долго и по само една година на клупата на Македонија доби отказ. Но, во неговиот случај разделбата беше спогодбена и место 45.000 евра отштета, ФФМ, најверојатно, ќе му плати или му платил на Тошак околу 20.000 евра.
Одлуката за Јонуз е трет пораз за македонската „куќа на фудбалот“ на Судот за арбитража во спортот. Победа Прилеп го загуби спорот со УЕФА за лажирањето со Пјуник, а Масар Омерагиќ во мај ја доби правната битка со ФФМ околу одлуката за негово доживотно отстранување од фудбалот, за што треба да добие околу 80.000 евра. |