19.09.2012, 15:05 Венус ќе дебитира на Хопман куп
Постарата сестра Вилијамс го потврди учеството на екипното тениско натпреварување
Седумкратната гренд-слем освојувачка и двојна олимписка шампионка, Венус Вилијамс, потврди дека ќе игра во следното издание на Хопман купот. Куриозитетно е тоа што, иако има кариера долга 18 години, ова ќе биде нејзино прво учество во репрезентативното натпреварување во мешана конкуренција што традиционално се одржува во Перт.
„Никогаш не сум била во Перт и никогаш не сум играла на Хопман купот, така што ова ќе биде извонредно искуство за мене. Секоја година го гледам на телевизија, а сега и јас ќе играм - навистина сум возбудена“, изјави Венус, која ќе има шанса да ја достигне сестра и', која пак, е победничка од 2008 и 2003 година.
Партнер на Вилијамс постарата ќе и' биде Џон Иснер, човекот кој веќе се израдува на пехарот во Перт пред две години, во комбинација со Бетани Матек-Сендс. Таа комбинација изгледаше симпатично, дури и смешно, бидејќи кога Матек-Сендс со 168 сантиметри ќе застанеше покрај Иснер, кој е висок 2,06 метри, изгледаше како вистинско џуџе. Овој пат Иснер е задоволен од изборот на партнерката.
„Моите досегашни партнерки беа многу мали. Но, Венус е значително повисока, така што нема повеќе да изгледам како џин на теренот. Таа е една од најдобрите тенисерки во историјата така што имаме големи шанси за успех“, изјави Иснер.
Американците се втора двојка која го потврди учеството, откако Новак Ѓоковиќ и Ана Ивановиќ веќе се пријавија. Натпреварувањето во Перт ќе се одвива од 29 декември до 5 јануари, а бранители на титулата се Томаш Бердих и Петра Квитова. |