19.09.2012, 11:36 Кремљ ја прекина активноста на УСАИД во Русија
Русија прекинува со операциите на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во државата.
Според американски медиуми, тоа ќе нанесе удар на политиката на американскиот претседател Барак Обама за „рестартирање“ на односите меѓу Вашингтон и Москва.
Портпаролката на Стејт департментот, Викторија Нуланд, изјави дека Русија ги информирала САД за одлуката во минатата недела и оти бирото на УСАИД во Москва е затворено.
Таа не даде детали за причината за руската одлука, но Кремљ долго време се жали за напорите на агенцијата која промовира демократија и владеење на законите. УСАИД која работеше во Русија две децении потроши над 2,6 милијарди долари за социјални и економски програми.
Меѓутоа Русија ги обвини САД дека се обиделе да ја искористат мисијата за развој за да влијаат врз руската политика, откако Вашингтон соопшти дека го затворил претставништвото на УСАИД во Москва.
Портпарол на руското МНР, Александар Лукашевич објасни, дека карактерот на работата на претставништвото на агенцијата во Русија не одговарал на целите за развој на билатерална хуманитарна соработка. Лукашевич ја обвини Агенцијата дека се обидела да влијае врз политичките процеси вклучително и резултатите од различни избори и на институции на цивилното општество преку давање помош.
Руското МНР наведува дека е вознемирено од акциите на УСАИД во различни региони како Северен Кавказ, каде против Москва се води исламистичко востание.
За разлика од властите, претставници на граѓански организации во Русија коментираа дека крајот на дејноста на УСАИД ќе биде закана за слободни и фер избори во државата. Директорката на највлијателната неформална група, која следи избори во Русија, „Голос“, Лилија Шибанова, го нарече затворањето на претставништвото како „огромен удар“ кој не го очекувал никој во цивилното општество во Русија. |