18.09.2012, 13:40 Кралев: Општина Чаир да постапува по препораките од инспекторатот
Министерот за образование го осуди вчершаното интонирање на химната на Албанија на Државниот универзитетот во Тетово
Министерот за образование и наука, Панче Кралев, при денешната посета на Штип нагласи дека нема што да коментира по вчерашното соопштение на Државниот просветен инспекторат за сменетите табли на училиштата во општина Чаир, бидејќи се преземаат сите мерки согласно законската регулатива.
- Ќе продолжат да се преземаат такви мерки. Порачувам на општина Чаир дека е потребно да постапат согласно препораките на Државниот просветен инспекторат и во согласност со законските прописи во Република Македонија, изјави Кралев.
Тој го осуди вчершаното интонирање на химната на Албанија на Државниот универзитетот во Тетово.
- Ние го осудуваме тој чин, затоа што станува збор за државен универзитет и при вакви настани треба да се интонира државната химна. Ова не е законска регулатива и предмет на Министерството за образование и наука, надлежните институции се тука да одлучат дали ќе постапат согласно законите, рече Кралев.
Прашан дали имаат заеднички координации со заменик министерот, кој доаѓа од ДУИ, Кралев одговори дека имаат координации за тековните активности за проектите, кои се реализираат во сферата на образованието. |