18.09.2012, 14:12 Попоски: Попоски очекува исчекор во Брисел
КАВАДАРЦИ - Објективен извештај за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија очекува министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
„Мислам дека сме дојдени до фаза кога почетокот на преговорите со Македонија се наметнува и како потреба за Европската унија доколку сака да го задржи кредибилитетот. Наша цел е да продолжиме да ги правиме сите реформи, тие се, пред се', за нас, не за исполнување чии било желби. Така ќе продолжиме во следниот период, но очекуваме и политичките лидери во земјите-членки на Европската унија, вклучително и онаа која досега ни го направи патот потежок, да дадат придонес за целосна интеграција на Балканот. Очекуваме во овој период да надвладее заедничкиот интерес, особено во период на една сериозна економска криза“, нагласи Попоски.
За добрососедските односи, прашање што го отвори еврокомесарот Штефан Филе, шефот на дипломатијата истакна дека Македонија гради добри односи со соседите, нуди иницијативи и проекти, работи на создавање позитивна клима на Балканот и очекува тоа да биде препознаено во претстојниот извештај на Европската комисија.
„Добрососедските односи се логичен дел од европската интеграција. Најлогично е во најголемиот мировен проект, како што е ЕУ, да се даде особено значење на односите што ги градиме со нашите најблиски соседи, подалечните и со станатите земји-членки на ЕУ. Така било од самиот почеток, така е и сега. Од наша страна, сметаме дека најклучна страна во градење на тие односи е отвореноста, заедничките инвестиции и поврзувањето. Затоа и се фокусираме на изградба на автопати, железнички пруги, стимулирање проекти што ја поврзуваат соработката преку граница“, изјави Попоски.
Во контекст на европската интеграција, нагласи дека и оние земји кои се веќе дел од ЕУ и оние што се на пат да влезат имаат исти интереси.
„Очекуваме сите наши соседи, особено оние што се внатре во ЕУ да посветат повеќе внимание на конкретни проекти. Мислам дека тоа треба биде препознаено и во претстојниот извештај на Европската комисија во октомври. Во меѓувреме, ќе работиме на создавање колку што е можно попозитивна клима на Балканот“, вели министерот за надворешни работи. (А.Д.)
|