18.09.2012, 16:29 Две полицајки убиени во Манчестер
Втората жена полицаец, која денеска беше тешко ранета во Манчестер, при апсењето на едно лице осомничено за убиство, попладнево им подлегна на повредите во локалната болница, изјави претставник на манчестерската полиција.
Во сериозниот инцидент, што се случи изутрината беше убиена една полицајка, а за втората беше соопштено дека е тешко ранета и дека лекарите се борат за нејзиниот живот.
Инцидентот се случи во населбата Тејмсајд, на периферијата на Манчестер, кога двете жени полицајци, инаку невооружени, кои во тој дел од градот биле на рутинска патрола, добиле налог да одат пред куќата на Дејл Креган (29), каде тој требало да биде уапсен и одведен во полициска станица на сослушување.
Сведоци изјавија дека слушнале истрели од огнено оружје, како и една експлозија, па се верува дека осомничениот Креган врз полицајките фрлил рачна бомба. Засега не се соопштува идентитетот на двете убиени полицајки, но комесарот на полицијата на Манчестер изјави дека станува збор за тажен ден за целата служба.
Министерот за внатрешни работи Тереза Меј во Лондон изјави дека е „шокирана од случајот и од убиството на двете полицајки“. Министерката Меј рече дека трагичниот инцидент во Манчестер само покажува со колкави опасни предизвици се соочуваат полицајците при своето работење.
Креган е осомничен за убиство, кое го има изврено врз татко и син, пред нешто повеќе од еден месец, откако врз нивниот дом фрлил граната. Се уште нема официјално соопштение на манчестерската полиција за тоа што навистина се случило и како беа убиени двете полицајки.
Осомниченот двоен убиец Креган е уапсен, а неговата куќа се претресува за да се открие со какво оружје и муниција располагал. Истрагата ќе треба да утврди како се случило пред куќата на опасен криминалец и убиец да бидат испратени две невооружени полицајки, неподготвени за можно пружање вооружен отпор на осомничениот Дејл Креган.
|