17.09.2012, 15:35 Македонското вино ќе се извезува на кинескиот пазар
Седум македонски винарии од здружението „Вина од Македонија“ ќе извезуваат вина на кинескиот пазар. Винариите потпишаа договор со кинескиот увозник и дистрибутер „Тиенџин“.
Ќе се извезува флаширано вино, а за првата година е планирано да бидат извезени над 40 контејнери или околу 456 илјади шишиња. Вредноста на договорот само за првата година е еден и пол милион евра. Деновиве ќе бидат испратени првите количини вино.
- Кина е дестинација на која винариите со години се обидуваат да остварат успех поради фактот што традиционалните економии бележеа рецесии или мерки за штедење, а Кина и натаму продолжува со економскиот раст. Во моментот ги сметаме за многу голем пазар со потенцијал и овој договор веројатно го потврдува тоа, истакна в.д. извршниот директор на здружението „Вина од Македонија“ Ѓорѓи Петрушев на денешната прес-конференција.
Според него, далеку сме од исцрпување на количините на вино, имајќи предвид дека во Македонија годишно се произведуваат околу 90 милиони литри вино, а се консумираат околу 10.
Она што останува како предизвик во иднина, смета Петрушев, е да се смени перцепцијата кај странските консументи дека во Македонија има солидно евтино вино.
- Се` уште сме перцепирани како земја од каде доаѓа многу евтино вино и тоа е главниот предизвик со кој во иднина треба да се справуваме. Треба да избегаме од перцепцијата дека од Македонија доаѓа солидно евтино вино. Винариите покажаа и докажаа дека можат да имаат квалитет и тоа го потврдуваат бројните награди кои ги добиваат. Останува предизвикот да се промовираме и да покажеме дека навистина од Македонија доаѓаат вина со висок квалитет, истакна Петрушев.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида изрази задоволство од склучениот договор и информира дека првично кинескиот увозник бил посетен за време на роуд шоуто на македонската владина делегација во мај во Кина.
- Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот од неодамна ја доби задачата на извозна промоција и среќни сме што по осум месеци веќе имаме резултати, рече Фида.
Досега македонското вино беше промовирано во Њујорк, Чикаго, Вашингтон и Финска, а од 20 до 25 октомври е планирана негова презентација во Полска и Холандија. |