19.09.2012, 14:51 „Матица ексклузив“, отворен новиот мултимедијален центар
Промоцијата на новиот мултимедијален изложбен простор беше проследена со претставување на монографија за творештвото на академскиот сликар Васко Ташковски
Скопје доби нов мултимедијален изложбен простор. Станува збор за објектот „Матица ексклузив“ кој денеска и официјално го отвори клубот „Матица“. Промоцијата беше проследена со претставување на монографија за творештвото на академскиот сликар Васко Ташковски, која е во издание на „Матица македонска“ и Македонската академија на науките и уметностите, како и со изложба на 26 најзначајни негови дела.
Монографијата содржи повеќе од 400 слики кои академик Ташковски ги создавал во својот неколку децении творечки период.
Како што велат од „Матица“, по изложбата на Ташковски, во нивниот нов мултимедијален центар ќе следуваат изложби и презентации на дела од истакнати и значајни автори од Македонија, а ќе се организираат и едукативни содржини како што се работилници и предавања за деца и млади.
Се разбира, велат од „Матица“, главно место во овој простор ќе имаат книгите, а презентацијата на ликовното, музичкото и филмското творештво ќе бидат додатни содржини. Просторот ќе биде отворен и за странските дипломатски претставништва, кои тука ќе ги презентираат културните вредности на своите земји. |