16.09.2012, 14:29 Митревски: „Трето полувреме“ се држи до фактите
На обвинувањата за национализам во филмот, Митревски рече дека не му е јасно каде го гледаат тоа, бидејќи филмот не ги ни споменува Македонците, Србите или Бугарите
„Големата кампања што беше направена за филмот ’Трето полувреме‘ од бугарска страна имаше се' освен факти“, изјави режисерот Дарко Митревски на прес-конференцијата во Битола, иако, како што нагласи, повеќе не сака да одговара на тоа прашање на кое одговара веќе цела година. Митревски потенцира дека би сакал ова да биде последно прашање околу реакциите на Бугарија за овој филм и со овој одговор да заврши разговорот околу сето тоа. Тој дури донесе на прес-конференцијата цел пакет-документи кои ги потврдуваат фактите што ги содржи филмот, како што се законот за заштита на нацијата од тоа време, кој е идентичен со законот на Третиот рајх, потоа документи што потврдуваат дека Бугарија ги одвела овдешните Евреи во концентрационите логори, па договор за депортација на 20.000 Евреи од подрачјето на Македонија, Тракија и Бугарија (што покажува дека не се точни нивните изјави дека ги спасиле Евреите од Бугарија) итн. Тој додаде дека филмот прилично се држи до фактите, иако има некои приспособувања на филмското дејство, но кои апсолутно не го менуваат ниту пак, манипулираат со фактите.
На прашањето дали крајот на фудбалскиот натпревар со Левски, кој завршува со влегување на бугарските војници и со напаѓање на присутните на трибините, е сменет поради реакциите од бугарска страна, рече дека не е поради тоа. Тоа дека крајот на фудбалскиот натпревар е сменет уште пред четири години, бидејќи продуцентот Бранко Лустиг рекол дека влегување коњица на стадион би чинела уште милион евра.
Но, колку и да сакавте да ја избегнете политиката и прашањата околу национализмот во филмот, не можевте бидејќи имаше новинари и дел од публиката кои така го доживеаја филмот. Но, на инсистирањето на еден од новинарите дека во филмот има национализам, дека Митревски се претворил од „партизан“ во „националист“, па дури и дека ова го гледа како продолжение на проектот „Скопје 2014“, Митревски рече дека не му е јасно каде го гледа национализмот, бидејќи тој смета дека нема ништо такво во филмот, па дури не се споменувани ни Македонци ни Срби, како ни Бугарија, која ја има само во журналите во филмот. Како и да е, филмот предизвикува контроверзии и различни реакции, а впрочем тоа ниту може да се избегне, ниту има потреба.
Аплаузи на прес-конференцијата повторно предизвика убавата Катарина Ивановска, која изјави дека е горда зашто премиерата на „Трето полувреме“ се одржа во нејзината земја, дека на отворањето се почувствувала како ѕвезда, но дека имала многу трема. На крајот, искрено додаде дека се надева оти не ја посрамотила улогата. Додека нејзината филмска љубов, Сашко Коцев, зборуваше за тоа колку биле професионални подготовките и дека тие како фудбалски тим биле толку подготвени што мисли дека можеле и да победуваат и тоа не поради фудбалската вештина, туку поради нивната сплотеност. (С.У.) |