18.09.2012, 16:07 Граѓаните ќе плаќаат за здравствените картички
Во Собранието не помина предлогот на опозицијата со кој се предвидуваше замената на легитимациите со електронска картичка да биде на товар на Министерството за здравство
Собранието на Република Македонија попладнево не го прифати Предлог-законот за изменување на Законот за здравствено осигурување, поднесен од пратеници од опозицијата.
Предлог-законот, според образложението, претставува антикризна мерка со која се предлага замената на здравстените легитимации со електронска здравствена картичка да биде на товар на Министерството за здравство, односно Буџетот, а не за нив да плаќаат граѓаните.
Пратениците од владејачкото мнозинство пак наведоа дека здравствените легитимации заминуваат во историјата, а електронската здравствена картичка ќе им помогне и на осигурениците и на лекарите. Ранливите категории, посочија, нема да плаќаат за картичка. Средствата кои ќе бидат собрани од картичките, истакнаа тие, ќе се вратат во здравството за набавка на опрема.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски по гласањето по оваа точка даде половина час пауза по барање од пратеникот Игор Ивановски од СДСМ. Ивановски побара пауза за, како што рече, да се подготви неговата пратеничка група за расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој по скратена постапка. |