17.09.2012, 16:02 Царината заплени 14,5 кг дрога на Табановце
Царината вчера во два наврати заплени 14,5 килограми дрога. Шест килограми хероин се откриени на граничниот премин Табановце во возило со македонски регистарски ознаки управувано од З.М. македонски државјанин од Струга. Уште 8,530 килограми марихуана се откриени, исто така, на Табановце при контрола на автомобил рено твинго со албански регистарски таблички управувано од државјанин на Албанија.
Директорот на Царинската управа на Република Македонија Ванчо Каргов на денешната прес-конференција истакна дека хероинот бил наменет за западно-европскиот пазар бидејќи крајната дестинација била Австрија.
Хероинот бил скриен во бандажите на возилото, кои биле забележани од царинските службеници дека се преправани и возилото било селектирано за детален преглед. Дрогата била скриена во сите четири бандажи од нивната внатрешност.
Македонскиот државјанин има досие и е познат на Царинската управа.
Марихуаната, пак, како што рече директорот, била скриена во црна најлонска кеса во пределот на вентилација на автомобилот рено твинго. Под совозачкото седиште под маската на возилото се пронајдени девет пакетчиња облепени со кафеава селотејп трака, а со вадење на шалт таблата во шуплината од вентилацијата исто така е пронајдена растителна материја со вкупна тежина од 1.995 килограми. На возилото му е направен детален преглед поради сомнителното однесување на возачот Ј.Х. и совозачот С.Ш., двајцата албански државјани. Пријавениот С.Ш марихуаната ја купил од Тирана по цена од 300 евра за килограм и имал намера да ја продаде по цена од 500 до 600 евра за килограм на купувач од Прешево, Косово.
Против сторителите Царинската управа ќе поднесе кривични пријави за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори.
|