19.09.2012, 10:09 Роналдо ги воскресна „кралевите“
Со голот во последната минута за целосен пресврт и победа над Манчестер Сити од 3:2 на стартот од Лигата на шампионите, Португалецот го развесели и Мурињо
Реал Мадрид славеше со 3:2 против Манчестер Сити на „Сантјаго Бернабе“ со шокантен пресврт и со победнички погодок на Кристијан Роналдо за успешен старт во групата Д од Лигата на шампионите. Сите пет гола во вонсерискиот натпревар во Мадрид паднаа во последните 22 минути, а голеадата ја отвори Сити преку Един Џеко, а шест минути подоцна израмни Марсело. Александар Коларов повторно ги доведе гостите во водство од слободен удар во 85 мин. и се чинеше дека „граѓаните“ ќе се вратат од Шпанија со целиот плен. Но, по само две минути изедначи Карим Бензема, за во последната минута Роналдо да му го донесе толку посакуваниот триумф на разнишаниот кралски клуб, кој лошо стартуваше во шпанското првенство.
„Јас прославувам кога треба да прославувам“, изјави пресреќниот Роналдо, кој го постигна својот 151. гол во 151. меч во дресот на Реал. „Натпреварот беше многу важен за нас, во кој се вративме со борбеност“, додаде португалскиот напаѓач, кому ова му беше 39. погодок во ЛШ.
Уште поголемо задоволство бликаше од лицето на Жозе Мурињо, кој голот на Роналдо го прослави со паѓање на колена и со стиснати тупаници.
„Најважното нешто за мене е да бидам горд на тимот независно од резултатот“, рече тренерот на „кралевите“ на прес-конференцијата по средбата. „Продолжувам да им го кажувам истото на играчите: можеме да изгубиме мечеви како овој вечерва, тоа не е проблем, но борејќи се како животни како што го правевме тоа до самиот крај“.
Реал го дочека почетокот на Лигата на шампионите во лошо расположение поради освоените само четири бода во првите четири кола од Ла Лига, капак беше последниот пораз од 1:0 во Севилја, по кој Мурињо јавно ја доведе во прашање посветеноста на некои свои играчи.
„Не можеме да губиме како во Хетафе или во Севилја“, категоричен беше поранешниот тренер на Челзи и на Интер, кој не сакаше да зборува за проблемите внатре во екипата. „Денеска бевме поагресивни, ’пофизички‘, доминиравме и на крајот победивме. Примивме два гола, но продолживме да се бориме. Израмнивме, но не застанавме. Јас сум никој во историјата на Реал Мадрид, но имам право да кажам дека нашите навивачи сакаат да го видат ова. Ние можеме да играме подобар фудбал, но денеска беше тешко. Имавме мала самодоверба, ни недостигаше самоувереност, но важна беше посветеноста на играчите. Ова е ДНК на минатогодишниот тим. Ова е важен чекор во тешка група“.
Неговиот колега Роберто Манчини не го криеше незадоволството од резултатот.
„Тешко ни е не поради тоа што изгубивме, туку бидејќи четири минути до крајот водевме со 2:1 против тим како Реал Мадрид“, изјави менаџерот на Манчестер Сити. „Мораме да се подобриме, бидејќи понекогаш премногу се отвораме, оставајќи му простор на противникот. Токму таа грешка ја направивме и сега“.
Прашан дали англискиот првак, кому ова му е само второ учество во Лигата на шампионите, можеби одигра наивно во последните минути од мечот, Италијанецот одговори: „Не можеме да продолжиме да зборуваме за искуството. Имаме играчи што настапуваат и за репрезентации. Треба да се подобриме и би требало да бидеме разочарани од резултатот. Постигнавме два гола, што е добро, наша основна грешка е што бевме премногу отворени“.
Во сенка на спектаклот на „Бернабе“ поминаа другите средби од вторничната програма, во кои најубедлив беше Пари Сен Жермен, кој во првиот меч од Лигата на шампионите на „Паркот на принцовите“ по три години го декласира Динамо Киев со 4:1. Стрелци за парижаните беа Златан Ибрахимовиќ во 19 мин. од пенал, Тиаго Силва во 29 мин.Алекс во 32 мин. и Хавиер Пасторе во првата минута од судиското надополнување, а почесниот погодок за гостите од Украина го постигна Мигел Велосо три минути пред крајот.
Арсенал со пресврт во само две минути стигна до победата од 2:1 во Монпелје, благодарение на головите на Лукаш Подолски во 16 и на Жервињо во 18 мин., а Французите во 9 мин. ги доведе во водство Јунес Белханда од пенал.
Динамо Загреб пред помалку од пет илјади гледачи на „Максимир“ загуби од Порто со головите на Лучо Гонзалез во 41 мин. и на Стивен Дефур во втората минута од судиското продолжение.
Малага на домашен терен го „збриша“ Зенит со 3:0 со двата погодока на Иско во 3 и во 76 мин., а во 30 мин. погоди Хавиер Савиола.
Во дуелот на некогашните европски шампиони во Дортмунд, Борусија го совлада Ајакс, а јунак на германскиот првак беше Полјакот Роберт Левандовски, кој стрелаше прецизно во 87 мин.
Успешно стартуваше уште еден германски претставник во елитното фудбалско натпреварување на стариот континент - Шалке славеше со 2:1 на гостувањето кај Олимпијакос. Тимот од Гелзенкирхен поведе преку Бенедикт Ховедес во 41 мин., израмни Џамел Абдун во 58 мин., а во наредната три бода на германците им донесе Клас-Јан Хунтелар, кој само две минути подоцна не реализира удар од белата точка.
Единствениот натпревар без голови го одиграа Милан и Андерлехт на „Сан Сиро“.
Резултати, прв круг
Група А: Динамо Загреб - Порто 0:2, Пари Сен Жермен - Динамо Киев 4:1.
Група Б: Монпелје - Арсенал 1:2, Олимпијакос - Шалке 1:2.
Група Ц: Малага - Зенит 3:0, Милан - Андерлехт 0:0.
Група Д: Борусија Дортмунд - Ајакс 1:0, Реал Мадрид - Манчестер Сити 3:2.
|