19.09.2012, 18:48 Мозаик во форма на солза во чест на Тоше
Професорот по физичко воспитание од Прилеп, Ристо Тошески, изработи голем мозаик во форма на солза со ликот на балканската поп-ѕвезда Тоше Проески. Тошески го работел мозаикот макотрпно четири години. Секое камче го има изработено рачно. Воден од голема љубов кон Тоше, на мозаикот го изработил ангелот од Курбиново, 26 цвеќиња што ги симболизираат годините на Проески, две цреши и виолинскиот клуч. „Тука е и пораката која беше заштитен симбол на Тоше - ве сакам сите“, вели Тошески.
Мозаикот ќе биде поставен во центарот на Прилеп во близина на Домот на културата „Марко Цепенков“. Ќе биде сместен во мало езерце, автентично уредено и со специјални ефекти, осветлено и дење и ноќе. Ликот на Тоше ќе одблеснува од водата. Се очекува да биде поставен до 16 октомври – денот кога трагично загина Тоше близу Нова Градишка во Хрватска.
Ѕвездено небо по четврти пат
На 5 октомври, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, по четврти пат ќе се соберат сите обожаватели и почитувачи на Тоше Проески се' со цел одново да го направат ѕвезденото небо и да ја повторат сликата која остана врежана во меморијата на публиката од неговиот последен концерт одржан на истиот датум пред пет години.
Под мотото „Биди дел од ѕвезденото небо на Тоше“, интернационалниот Тоше фан клуб форум на 5 октомври во 20 часот ги поканува сите обожаватели на Тоше на неколкучасовна дружба во сеќавање на големиот пејач. Предвидено е емитување на видеоматеријал, музика од Тоше, а пред почетокот ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција. Собирот е поддржан и од интернационалната фондација „Тоше Проески“, како и од продукцијата „Аворд“. |