20.09.2012, 10:00 Почнува предвремениот откуп на тутун во кутии
Во пелагонискиот, велешкиот и радовишкиот регион во првата и втората фаза на откуп треба да бидат преземени 4.600 тони тутун што е близу една четвртина од годишното производство во Македонија.
Тутун ќе откупуваат Сокотаб од Битола, Алијанса од Кавадарци, откупувачот Пашовски, а пунктовите ќе ги отвори и Прилепскиот комбинат. Тутун во кутии ќе се купува во прилепско, долненско, битолско, велешко, радовишко. Сокотаб од Битола ќе откупува на 14, а Алијанса од Кавадарци на 15 пункта.
- Откупувачите се заинтересирани побрзо да дојдат до родот. Периодот одговара за откуп на тутун во кутии. Заврна, па родот не е сув. За тутунарите е битно што може да стигнат побрзо до парите. Исплатата ќе се врши во рок од 7 до 10 дена, вели Данчо Милески претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.
Според надлежните од Институтот за тутун во Прилеп, овој Пилот проект на Министерството за земјоделство успешно се спроведува, особено што е во интерес и на откупувачите и на тутунарите.
Од денеска до крајот на месецов е првата фаза и ќе се откупуваат првите берби тутун, а втората фаза е од 15 ти до 31 октомври. |