20.09.2012, 16:07 Јаневски ги подучува македонските тренери
Селекторот е дел од проектот за едукација за ПРО-лиценца
Селекторот на националниот фудбалски тим, Чедомир Јаневски, е вклучен во проектот за едукација на македонските тренери, кои кон крајот на годинава треба да ја стекнат потребната ПРО-лиценца за работа во прволигашката конкуренција. Јаневски, кој е првиот Македонец што ја поседува лиценцата, на помошното игралиште на Работнички одржа тренинг со „романтичарите“, на кој присуствуваа 25 тренери. Од познатите имиња беа присутни Гоце Седлоски, кој беше кандидат за селекторската клупа пред да дојде Јаневски, потоа стратегот на Ренова, Ќатип Османи, помошниот тренер во младата репрезентација и тренер на Скопје, Љупчо Марковски, па Зоран Бошковски, Драган Бочески од Напредок, тренерот на Гостивар, Тони Јакимовски, тренерот на Металург, Александар Влахо итн. Од странските фудбалски стручњаци беа присутни Билбил Соколи и Едмонд Миха, поранешни тренери на неколку екипи во Македонија.
Сите тренери имаат можност да учат од селекторот Јаневски, кој остави позитивен впечаток како предводник на нашата репрезентација на првите два квалификациски дуела за Светското првенство 2014 со Хрватска во Загреб и со Шкотска во Глазгов. Јаневски има големо искуство како тренер на Олимпијакос, Бриж, Гент, Црвена звезда, Етникос Ахна и Енозис. Селекторот имаше и краток состанок со играчите на Работнички пред да излезат на теренот. |