20.09.2012, 11:47 Премиера на филмот на Иво Трајков во Битола
Денеска на „Браќа Манаки“ во 18 часот во програмата „Нови визии“ ќе се одржи премиерата на „Берлин проект“
Денеска на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ ќе се одржи македонската премиера на новиот филм на Иво Трајков „Берлин проект“. Во 18 часот во големата сала на Центарот за култура во рамките на програмата „Нови визии“, публиката во Битола ќе има можност да го види овој филм, направен во германско-македонска копродукција, кој трае 80 минути и целосно е снимен во еден кадар.
„Берлин проект“ е една необична приказна за потрагата на еден актер по наводниот убиец на неговата девојка, кого сака да го убие. Но, кога ќе дојде до него, наеднаш ќе почне на работите да гледа од сосем поинаков агол. Погледот во огледалото овој пат покажува нешто друго. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Блерим Дестани, Удо Киер, Рихард Самел, Рефет Абази и други, додека фотографијата ја потпишува Суки Меденчевиќ.
Во Битола филмот ќе го претстават македонскиот продуцент Роберт Јазаџиски, актерите Блерим Дестани и Рефет Абази, како и косценаристот Иван Маринковиќ, кој стои зад сценариото заедно со Иво Трајков. (С.У.) |