20.09.2012, 18:05 МРТВ во ново руво
Со нов, светски изглед на Дневникот, ново лого, нова генерација новинари, нова програмска шема... Македонската радио-телевизија планира да блесне на екраните во сосема ново руво
Jасминка Павловска
Старите бренд-ликови на МТВ, Бранка Станковска и Благоја Крстевски, в недела, на 23 септември, симболично во централниот Дневник, би требало да ја најават новата ера на националниот сервис.
Со нов, светски изглед на Дневникот, ново лого, нова генерација новинари, нова програмска шема... Македонската радио-телевизија планира да блесне на екраните во сосема ново руво од идната недела! Покрај централниот Дневник со голем број на вклучувања во живо, од студио со дизајн и опрема на светските ТВ-медиуми, на репертоарот на МРТ наскоро ќе се најдат и најгледаните серии, филмови и детска програма, од тинејџерски до легендарни серијали за возрасната популација. Освен новите лица кои веќе се дел од новинарската и презентерската екипа, дел од Дневникот ќе бидат и вклучувања во живо, седум од земјава и три од странство.
Од понеделник почнува новодизајнираната Утринска програма на МТВ, со нова екипа и нова уредничка структура. Во план е и поамбициозна, обновена концепција на Неделното попладне.
„Искрено веруваме и се надеваме дека новите телевизиски ликови, емисии, квизови, серии, спортски настани, но и од корен сменетиот лик на Дневникот, ќе бидат вистински магнет за гледачите. Вложуваме многу труд и енергија за да го вратиме сјајот на националниот сервис. За таа цел се ангажирани сите расположливи капацитети на МРТ зајакнати со неколку нови имиња, кои се истакнати професионалци во својата област. Со еден збор, секој ден на МРТ ќе биде посебен за гледачите. Сигурен сум дека во програмата има понуда за секој гледач и оној што е љубител на информативните емисии, оние кои сакаат повеќе да гледаат серии и оние кои се обожаватели на интерактивни шоу-емисии“, вели Марјан Цветковски, извршен директор на МРТ.
Адут-сериите со кои МТВ ќе се потруди да ги следи актуелните ТВ-стандарди за гледаност се: „Озборувачка“, „Натприродно“, „Менталист“, „Истрага на местото на злосторство; Лас Вегас, Мајами и Њујорк“, „Репортери“.
Исто така како голем приоритет ќе биде и враќање на програмата од сопствена продукција на екраните на МРТ, како и враќање на сите лица кои придонеле за развој на МРТ.
Новите амбиции на МРТВ во поглед на забавната програма се насочени и кон откупување лиценци за светски шоу-програми, како онаа на Би-Би-Си, „Танц со ѕвездите“. Мегапопуларното ТВ-шоу „Танц со ѕвездите“, чија л��ценца ја имаат 35 земји во светот, а проектот ќе почне со реализација на МТВ од декември оваа година. Шоуто има за цел да направи неколку групи на парови на познати и јавни личности, кои преку модерни танци, подготвени од врвни кореографи, секоја недела се натпреваруваат на гламурозна сцена.
Фудбалска Премиер-лига, ексклузивно од оваа сезона е на програмата на националниот ТВ-сервис. Најголемите фанови на најважната споредна работа на светот, набрзо ќе имаат можност да уживаат во спортските натпревари на каналот на МТВ.
Со внесувањето нови, свежи и ведри ликови, извршниот директор Цветковски нагласува дека го збогатил својот тим со врвни професионалци од новинарската област. Покрај веќе постојните реномирани и добро познати ТВ-ликови, со оваа новина се воведува свежина во етерот на националниот сервис. Меѓу новите ТВ-лица кои секојдневно ќе бидат на емисиите на МТВ, се: Ведрана Ѓорѓевиќ, Златко Андоновски, Александар Ивановски, Дијана Гогова, Тања Атанасовска, Кристина Талева...
Промовирајќи ја новата програмска шема на МТВ, извршниот директор Марјан Цветковски го претстави и новиот уреднички тим на Првиот програмски сервис: уредник на Информативната програма е Горан Петревски, на Забавната програма - Мери Попова, Образовна - Анета Андонова, на Играно-документарната програма е Соња Самарџиева, додека на новата програма Актуелности е Снежана Пачовски. На чело на Вториот програмски сервис е Мигена Горенца.
Цветковски на крајот најави дека се работи и на освежување на програмата и систематизација во Македонското радио. |