24.09.2012, 15:52 Шумахер и Вебер на тапет по Сингапур
Германецот ќе стартува десет места подолу во Јапонија, одземен бодот на Австралиецот
По завршувањето на трката за Големата награда на Сингапур во Формула 1 со казни се соочија Михаел Шумахер и Марк Вебер. Возачот на Мерцедес доби казна од десет места на стартот за наредната трка за Големата награда во Јапонија поради инцидентот што го предизвика откако удри во болидот на Торо Росо што го возеше Жан-Ерик Верњ. Судиите не само што не го поштедија возачот на Мерцедес, туку одлучија дека тој е виновен за судирот.
„Не сум сигурен зошто ова се случи. Ги притиснав сопирачките, но никако не можев да го избегнам болидот пред мене. Многу ми е жал за Верњ, немав воопшто лоша намера“, изјави Шумахер, кому ова не му е прва казна - претходно во трката во Шпанија беше казнет со пет места на стартот поради судирот со болидот на Бруно Сена.
И покрај тоа што Французинот остана без бодови и можеби добар пласман, сепак, тој не му се налути на седумкратниот шампион во Формула 1.
„Нема потреба да се лутам. Ова може да му се случи секому, дури и на најискусните. Во тој момент се обидував да го стигнам Серхио Перез (во борбата за деветтото место), затоа не можам да кажам што точно се случи. Претпоставувам дека Михаел доцна закочи и не можеше да ме избегне. Жалам што останав без бодови, а ако не се случеше ова можеби ќе завршев на седмото или на осмото место“, изјави Верњ.
Што се однесува до Марк Вебер, нему ќе му биде одземен бодот што го освои на патеката Марина Беј поради неправилно стекнување предност во дуелот со Камуи Кобајаши. Судиите одлучија дека ваквото однесување на возачот на Ред бул заслужува казна од дополнителни 20 секунди на неговото конечно време, па, наместо Вебер, еден бод од трката ќе освои Перез, кој заврши 11. во Сингапур.
|