24.09.2012, 17:31 „Фудбалски тероризам“ во Шпанија
Саркастични коментари за неодиграниот меч меѓу Рајо Валјекано и Реал Мадрид поради саботажа на осветлувањето
Лавина од коментари во Шпанија предизвика несекојдневниот настан во Валјекано, каде што првенствениот дуел меѓу домашниот Рајо и Реал Мадрид беше откажан поради проблеми со струјата на стадионот. Повеќемина коментатори изјавија дека фарсичните сцени од грст работници што се обидуваат да поправат неколку прекинати кабли на покривот од трибината додека службените лица чекаа долу во полумрак направија шпанската лига да изгледа како „банана република“. Во ситуација кога имиџот на Ла Лига веќе е оштетен од финансиските проблеми на многу од нејзините клубови, од полупразните стадиони и од незадоволството околу цените на билетите и околу термините за почеток на натпреварите, инцидентот дојде во најлош миг.
„Четири-пет момчиња работат, стотина други гледаат. Каде сме го виделе тоа порано? Во Шпанија, се разбира“, напиша колумнистот Роберто Паломар во спортскиот дневник „Марка“. „Сликата на работник, кој без да ја вади цигарата од уста се обидува да ги поправи каблите со малку самолеплива лента е метафора за банана република во што се претвори лигата. Луди термини, запрепастувачки долгови, пад на посетеноста на стадионите, саботажа на меч од висок ризик, клубови што не ги исполнуваат ни основните услови за да бидат дел од професионално натпреварување. Има локални лиги што се подобро организирани“.
Реал соопшти дека не сакале да ризикуваат уште еден дефект на осветлувањето и оти претпочитаат да го одиграат попладне мечот закажан за вчера, но потоа прифати почетокот да биде во 19,45 ч.
Илјадници навивачи чекаа надвор од заклучената и темна арена додека работниците се обидуваа да ги оспособат рефлекторите во неделата навечер.
Претседателот на Рајо, Раул Мартин Преса, изјави за Шпанската телевизија дека неидентификувани лица пресекле некои од каблите и кога станало јасно дека тие не можат да бидат поправени навреме - мечот бил откажан.
Алфредо Релано, колумнист на спортскиот лист „Ас“, изјави дека инцидентот е уште еден удар врз имиџот на Шпанија, нагласувајќи дека мечот требало да биде пренесуван на телевизија во 150 земји.
„Се соочуваме со нов вид криминал: фудбалски тероризам“, додава Релано. „Полицијата мора да ги најде сторителите и да ги изведе пред лицето на правдата“.
Кристина Сифуентес, претставник на централната власт во Мадрид, вчера за Шпанското радио изјави дека првичната истрага потврдила дека осветлувањето ��ило цел на саботажа.
„Полицајците се обидуваат да ги откријат отисоците“, изјави таа, додавајќи дека ги истражуваат и телевизиските снимки во обидот да ги идентификуваат одговорните. |