25.09.2012, 15:43 Промовирано ДВД изданието на филмот „Мајки“
Издавач е издавачката куќа „Култура“, дистрибутер е „Манаки филм“, а продуцент „Банана филм“
Точно напладне, денеска во книжарницата „Култура“ во Ристиќевата палата во центарот на Скопје, пред голем број заинтересирани, во присуство на режисерот Милчо Манчевски беше промовирано ДВД -то од неговиот четврт филм, „Мајки“.
Издавач е издавачката куќа „Култура“, дистрибутер е „Манаки филм“, а продуцент „Банана филм“. ДВД изданието е титлувано на македонски и албански јазик, а освен филмот содржи и документарни материјали од процесот на неговото снимање, но и познатите спотови на Манчевски, „Македонија е вечна“.
Опкружена и со ДВД изданијата на останатите долгометражни филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“, најновото издание го промовираше проф. Катерија Колозова која меѓу другото рече дека филмовите на Милчо Манчевски кого го смета еден од своите еминентни светски автори, ја потсетуваат на античките трилогии, посочувајќи дека првите три негови филма и се објавени како трилогија. „Според мене ’Мајки’ е феминистички филм“, рече таа, издвојувајќи меѓу другото дека во филмовите на Манчевски не се дебатира на досаден начин за фикцијата и реалното, туку тој успешно за тоа дебатира во самиот процес на создавање на филмската приказна. (К.Б.)
|