18.09.2012, 12:22 Градоначалникот Блумберг ја почна војната со дебелината
Њујорк е првиот град во САД што воведува делумна забрана на големи пакувања на газирани безалкохолни пијалоци
Њујорк е првиот град во САД што воведува ограничена забрана на големи пакувања на газирани безалкохолни пијалоци, кои градоначалникот Мајкл Блумберг ги наведува како причина за националната криза на дебелеење.
Формалната забрана, која е одобрена од Одборот за здравје, беше предложена од Блумберг и поздравена од поборниците за здравје, но жестоко одбиена од производителите на безалкохолни пијалоци, и не се смета за изненадување.
Сепак, Лиз Берман, претседателот на организацијата Континентална храна и пијалоци и лидер на лоби групата „Њујорчани за избор на пијалоци“, ја опишува „дискриминаторската забрана“ како „мимикрија“.
- Тажно е што одборот сака да го ограничи нашиот избор. Доволно сме мудри сами да си ја донесеме нашата одлука за тоа што ќе јадеме и пиеме, наведува таа во изјава.
Со забраната се ограничува служењето на газирани безалкохолни пијалоци на 0,47 литри во фаст-фуд и други ресторани, и на места за јавни забави, како што се стадионите. Тоа е повеќе од нормална лименка, но само половина од големината на најголемите пакувања, големи како кофи, кои најзапалените конзументи ги користат во кина, во спортските арени и на други јавни места.
Сепак, ништо не може да ги сопре луѓето да купуваат толкава количина газирани пијалоци и да ги претураат во помали пакувања. Исто така забраната не се однесува на пијалоци кои се продаваат во супермаркети или на млечните или овошните пијалоци, а во некои од нив има огромни количини шеќер.
Диеталните и алкохолните пијалоци се исто така исклучени од забраната.
Мерката која може да се соочи со правна опструкција од индустријата за безалкохолни пијалоци, стапува на сила за шест месеци.
Според официјалната статистика, околу 6.000 луѓе само во Њујорк годишно умираат од проблеми поврзани со дебелината. Еден од осум возрасни граѓани на Њујорк има дијабетес, кој може да биде предизвикан од конзумирање на шеќер.
- Иако оваа мерка е далеку од тоа да стане забрана за претераното трошење на газирани безалкохолни пијалоци, исчезнувањето на огромните чаши од многу јавни места барем ќе ги натера луѓето да станат посвесни за тоа што конузмираат, вели Блумберг.
Според него, њујорчаните наскоро ќе конзумираат помалку неквалитетни калории, и евентуално ќе спласне бранот на епидемијата на дебелеење, кое го уништува здравјето на многумина негови сограѓани.
Поддржувајќи го градоначалникот, од новоизградениот кошаркарски стадион на Бруклин нетс најавија дека веднаш ќе го применат правилото, многу пред рокот на 12 март.
Оваа мерка предизвика жестоки дебати, вклучувајќи и 38.000 коментари на веб страната на Одборот за здравје. Анкетите покажуваат дека мнозинството од граѓаните се спротивставуваат на забраната.
Блумберг јавното здравство го претвори во клучно за неговата администрација, забранувајќи пушење во рестораните, баровите и од неодамна и во парковите и на плажите.
Грпата „Њујорчани за избор на пијалоци“ обвинува дека Блумберг е вон контрола. - Ако ова се случува сега, што следува понатаму?, прашува оваа група на својата веб страна.
- Њујорчани сакаат да бидат сослушнати, а не игнорирани, стои во пораката која групата ја испрати преку Твитер. - Но гласањето во Одборот за здравје на Њујорк тоа не го покажува.
Други скептици велат дека продлабочувањето на епидемијата на дебелеење во САД може да се поврзе - повеќе или помалку - и со недостигот од вежбање или заради премногу јадење брза храна, како што е помфритот, но и со конзумирањето на газирани безалкохолни пијалоци.
Во четвртокот комесарот за здравје Фарли рече дека само ограничувањето на порциите во ресторани не е лек, меѓутоа да не се стори ништо во врска со овој проблем исто така не е никаква опција.
Оваа епидемија не е болест која се добива преку контакт, како што е грипот, туку е уште поопасна и пофатална. Дебелината предизвикува болести, како што се дијабетесот и инфаркти. Овие болести убиваат. (Еј-Би-Си) |