19.09.2012, 13:33 „Блуз и соул“ вечерва со посвета на Хендрикс
На сцената ќе ги видиме „Дак Кен Грув“ од Шведска, состав чие име е дел од една песна на Хендрикс, формиран во 2000 година
На втората вечер од годинашниот фестивал „Блуз и соул“, вечерва во Универзална сала во 20,30 часот ќе настапат два бенда од Шведска и од САД, чии концерти ќе бидат посветени на култниот гитарист и вокалист Џими Хендрикс, по повод јубилејот - 70 години од неговото раѓање. На сцената ќе ги видиме „Дак Кен Грув“ од Шведска, состав чие име е дел од една песна на Хендрикс, формиран во 2000 година. Како што вели гитаристот Стефан Едфелт, групата едноставно го свири Хендрикс, инспирирана од неговиот оригинален опус.
Фестивалот вечерва ќе се затвори со концертот на гитаристот Стен Скиби од Чикаго. За него, како што ќе изјави во една пригода, Хендрикс ќе значи промена на правецот на неговата музичка кариера. Обземен од магичниот звук, тој трага по патот на бесконечни истражувања на музиката која и денес претставува предизвик за секој музичар. Скиби вели дека е скромен ученик на Хендрикс, голем почитувач на неговиот опус и се обидува на свој начин да ја долови неповторливата музика и звукот на неговата гитара. (Т.И.)
|