20.09.2012, 18:19 Антологија на македонската поезија објавена во Израел
Неодамна во Тел Авив, Израел, на хебрејски јазик е објавена Антологија на македонската поезија, чиј автор и преведувач е Авив Екрони, познат израелски поет, есеист и историчар на литературата. Антологијата е проследена со предговор во кој авторот Авив Екрони, покрај другото, пишува: „Македонската поезија е импресивна и особена, што е резултат на нејзините длабоки корени во традициите на македонски народ, а и на нејзиното континуирано збогатување преку културните врски со европските литератури“.
Во Антологијата се застапени дваесет и пет поети, почнувајќи од првата повоена генерација, па натаму до денешните денови, меѓу кои и Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Србо Ивановски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Илхами Емин, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Петар Т. Бошковски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Димитар Башевски, Ефтим Клетников, Тодор Чаловски, Ресул Шабани, Санде Стојчевски, Ристо Лазаров, Веле Смилевски, Бранко Цветкоски, Весна Ацевска и Славе Ѓорго Димовски. |