23.09.2012, 16:48 Фетел триумфираше во Сингапур
Бранителот на титулата Себастијан Фетел е победник на 14. трка на годинешниот шампионат во Формула 1 за Големата награда на Сингапур
Возачот на „Ред бул“ до третата победа сезонава дојде откако патеката „Марина Беј“ ја мина за време од 2:00:26:144 часа. Втор низ целата со шест секунди помалку мина Џенсон Батон од Мекларен, а додека третата позиција му припадна на водечкиот во генералниот пласман Фернандо Алонсо.
Трката за Големата награда во Сингапур ја одбележа доминацијата на Луис Хамилтон. Возачот на Мекларен од стартот до 18. круг го имаше водството, но поради дефект на менувачот мораше да се откаже од трката, по што на првото место излезе Фетел. Германецот возеше сигурно до самата цел, не давајќи му на Батон да му го преземе водството.
Во текот на трката на двапати излезе и безбедносното возило, прво поради судирот на Наријан Картикеан, а потоа поради судирот на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер со Жан-Ерик Верн, двајцата останаа без пласман.
Стартот на трката за Големата награда почна со едноминутно молчење за починатиот поранешен медицински делегат во Формула 1, Сид Воткинс, кој почина на 12 овој месец.
Инаку, Владата на Сингапур потпиша нов петгодишен договор со раководството на Формула 1 за организација на Големата награда во оваа земја.
Со овој договор ноќните трки и натаму ќе бидат заштитен знак на Сингапур, домаќинот најави дека ќе ја зголеми безбедноста за возачите со што патеката ќе биде поатрактивна. |