25.09.2012, 16:08 Преговараат докторите и Министерството за здравство
Денеска започна новата рунда на преговори меѓу синдикалците од Клинички центар и министерот за здравство, Никола Тодоров, во врска со системот плаќање по учинок, кој лекарите од Клинички одбиваат да го прифатат. Членовите од трите синдикати на здравство се најдоа на преговарачка маса, а присуствуваа и претставници од Синдикатот „Мајка Тереза“. Останатите синдикалци изрично побараа членовите на „Мајка Тереза“ да не учествуваат во преговорите, сметајќи го овој синдикат за нелегитимен.
Според Слободан Ѓеорѓиевски од Самостојниот синдикат на клинички центар, постои добра волја за корекции на реформата плаќање по учинок, но се' уште нема конкретен напредок и преговорите продолжуваат.
Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, смета дека се' додека не се најде конкретно решение, исплатите по системот плаќање по учинок треба да бидат стопирани.
„Приоритетна точка на средбата беше допрецизирање на проектот плаќање по учинок и ние, како самостоен Синдикат за здравство, како основно барање имавме исплатата по проектот да се стави во мирување се' до моментот на допрецизирање на проектот“, изјави Каранфиловски.
Тој додаде дека разговорите течат во добра насока и се подобрува и приближувањето на ставовите на Синдикатот со тие на министерот. Но, во корист на преговорите се' уште не се откриваат деталите околу средбата. Следната средба на синдикатите и на министерот Тодоров е планирана за во понеделник. (М.Т.)
|