25.09.2012, 11:13 Антиисламски плакати осамнаа во њујоршкото метро
Провокативни плакати, што муслиманските радикали ги изедначува со дивјаци, се појавија во њујоршкото метро, предизвикувајќи веднаш критики кај некои од патниците.
Билбордите, на кои може да се прочита пораката „Во секоја војна меѓу цивилизираниот човек и дивјакот поддржете го цивилизираниот човек. Поддржете го Израел. Спречете го џихадот“, се излепени на 10 станици од метрото во Менхетен.
Ова се случи откако управата на Метрополитен метрото го загуби судскиот процес против спонзорот на плакатите, произраелската група Иницијатива за заштита на американската слобода.
Во јули федерален судија, повикувајќи се на Првиот амандман на Уставот на САД, што ја штити слободата на говорот, утврди дека плакатите може да бидат залепени.
Раководителката на организацијата и позната блогерка Памела Гелер изјави дека не се вознемирува од тоа дали плакатите може да распалат протести и насилство, какви предизвика филмот „Невиноста на муслиманите“. Тие ќе останат во метрото еден месец.
Иницијативата за заштита на американската слобода стана позната откако се спротивстави на изградбата на муслимански центар во близина на местото каде се наоѓаа кулите близначки на Светскиот трговски цернтар, урнати во нападите од 11. септември 2001 година.
|