24.09.2012, 18:22 Нимиц ги мери следните чекори
Аврамопулос побарал од медијаторот да ги засили напорите за барање решение за името
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Медијаторот Метју Нимиц ќе одлучи за следните чекори во преговорите за името по средбите со македонските политичари во Њујорк. Нимиц не планира посета на регионот во скоро време, особено не по неговата посета во средината на јули. Медијаторот во неделата вечерта оствари средба со грчкиот шеф на дипломатијата Димитрис Аврамопулос, непосредно по неговата средба со генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки - мун.
Аврамопулос по средбата со Ки- мун истакна дека биле дискутирани прашања кои се клучни за грчката надворешна политика, меѓу нив и спорот за името меѓу Македонија и Грција. За вчера во 17 часот по македонско време во Њујорк беше предвидена и првата средба на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски со новиот грчки министер, што е прва на македонски политичар со претставник од новата грчка влада.
Конкретно за спорот за името, Аврамопулос изјави дека му објаснил на Ки - мун како стојат работите во моментов и од кои причини преговарачкиот процес не се движи во насоката која сите ја посакуваат. Притоа тој побарал генералниот секретар да продолжи со неговите обиди да се насочат правилно преговорите за името и посочил дека токму поради тоа ја поддржуваат иницијативата за преговори под палката на Нимиц.
„Јасно е дека ова не е поради Грција. Ја потенциравме потребата што поскоро да има одговор на иницијативите кои се преземени, со целосна почит кон историјата на нашата татковина“, изјави Аврамопулос.
Нимиц пак истакна дека бил информиран за разговорот со Ки - мун. „Имам добри вести. Се сретнав со министерот Аврамопулос и ова беше наша прва средба веднаш по неговата средба со генералниот секретар“, изјави Нимиц на новинарско прашање дали има добри вести по разговорите со грчкиот шеф на дипломатијата. Поконкретно, Нимиц соопшти дека Аврамопулос го информирал за силната посветеност на владата да се реши спорот во рамки на ОН и добил поддршка да продолжи со напорите за изнаоѓање заеднички прифатливо решение со порака - дека грчката влада е отворена за соработка на преговарачката маса.
Нимиц, пак, објаснил како гледа на моменталната ситуација и најавил дека по средбата со македонската делегација ќе види во која насока ќе продолжат разговорите меѓу двете страни.
„Се уште се обидуваме да видиме кои ќе бидат следните чекори, дали ќе имам средби со амбасадорите Адамантиос Ва��илакис и Зоран Јолевски. Една можност е да бидеме во контакт со министерот за надворешни работи Аврамопулос, кој го побара тоа“, истакна Нимиц по средбата, најавувајќи дека ќе развие план во следните недели. Медијаторот, кој ги посети Скопје и Солун во јули не планира нова посета на регинот во моментов. Посочи дека нема итна потреба од посета на Македонија и Грција токму поради неговите директни средби со Аврамопулос и средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, која е планирана во текот на неделава.
„Треба да пратам луѓе. Меѓутоа мислам дека нема да одам веднаш. Кога ќе се појави можност за посета, ќе дојдам“, посочи Нимиц.
|