24.09.2012, 09:10 Џон Тери ја напушти англиската репрезентација
Тери демонстративно се повлече незадоволен што Фудбалската асоцијација и натаму „му суди за расистичкиот инцидент“, иако Судот во Лондон го ослободи од обвинувањата
Фудбалерот на „Челзи“, Џон Тери демонстративно се повлече од англиската репрезентација, незадоволен што Фудбалската асоцијација (ФА) и натаму „му суди за расистичкиот инцидент“ од пред 11 месеци, иако Судот во Лондон го ослободи од обвинувањата.
Одлуката на Тери (31) доаѓа пред неговото денешно сослушување во ФА поради вербалната расправија меѓу него и Антон Фердинанд, играч на „Квинс Парк Ренџерс“, за време на мечот меѓу овој клуб и „Челзи“ во октомври 2011 година.
- Чувствувам дека ФА бара обвинување и вина кај мене, иако веќе сум ослободен од секаква одговорност од Судот. Тоа ја прави мојата натамошна позиција во државниот тим неодржлива, вели Тери во соопштение до јавноста, изразувајќи жалење што се разделува од репрезентативниот тим во кој еден период беше и капитен.
Ако прогласен за виновен од страна на функционерите на ФА, Тери може да биде казнет со забрана за настап во повеќе натпревари во Премиер лигата и со висока парична казна, како што тоа му се случи на играчот на „Ливерпул“ Луис Суарез по „расистичкиот“ инцидент со Патрис Евра од „Манчестер Јунајтед“.
Тери и Антон Фердинанд на мечот од пред 11 месеци во еден момент се спречкаа на теренот, но дури подоцна, откако на Јутјуб се појави снимка од нивната расправија, Фердинанд го обвини Тери за расизам. Во случајот се вклучи и полицијата, која поднесе пријава до Обвинителството, по што Тери и формално беше обвинет за „расистички напад“.
Уште додека траеше полициската истрага, ФА под притисок на политичарите му ја одзеде капитенската лента на Тери, наспроти ставот на тогашниот англиски селектор Фабио Капело дека фудбалерот е невин се додека правосудните органи не одлучат за неговиот случај. Капело во знак на протест на таквата одлука на ФА поднесе оставка, а британскиот премиер Дејвид Камерон во една изјава „му пресуди“ на Тери и го осуди одбивањето на селекторот да го смени својот капитен.
Тери настапи за англиската репрезентација на 78 натпревари. Последен пат играше на квалификациската средба за следното Светското првенство во Бразил со репрезентацијата на Молдавија. Новиот селектор Рој Хоџис го повика Тери во репрезентацијата за Европското првенство, што се одрза во јуни годинава во Полска и Украина, инсистирајќи, како и Капело, дека тој е невин се додека судот не пресуди. Хоџис сметаше на овој фудбалер и во натамошниот тек на квалификациите за Мундијалот во 2014 година, особено откако на судењето во јули Судот го прогласи Тери за невин. |