25.09.2012, 18:41 Попов го пропушта и Ливерпул
Македонскиот репрезентативец ќе почека за дебито во дресот на Вест Бромвич Албион
Македонскиот фудбалски репрезентативец Горан Попов, најверојатно, ќе го пропушти и денешниот натпревар од англискиот Лига куп, во кој неговиот Вест Бромвич Албион го пречекува Ливерпул. Иако дел од англиските медиуми најавуваа дека Попов во новиот дрес ќе дебитира токму против „црвените“ од „Енфилд“, сепак, информациите од таборот на ВБА јасно говореа дека, недоволно заздравен, од повредата нашиот левокрилен дефанзивец нема да може да биде на располагање на менаџерот Стив Кларк.
„Се' уште е неизвесно кога Попов ќе дебитира за клубот. Нам ни е потребен во моментот кога имаме згуснат распоред, но, сепак, не смееме да ризикуваме. Ќе видиме дали ќе може да биде на располагање за дуелот со Ливерпул“, вели Кларк, кој не ја отфрла можноста, ако ништо друго, Горан Попов по доаѓањето на Островот за првпат да се најде на клупата за резервни фудбалери.
Дека репрезентативецот е надвор од посакуваната форма, можеше да се забележи на двата квалификациски меча за СП 2014 во Бразил против Хрватска и Шкотска. Тој во ВБА дојде откако неговиот клуб Динамо Киев постигна договор со Англичаните за негова позајмица во премиерлигашот. Пред да дојде во редовите на ВБА, кој најави дека по завршување на едногодишениот претстој може да се случи целосно да го откупи неговиот договор, левиот бек беше блиску до Стоук, но тогаш поради проблеми со обезбедувањето на работната виза преговорите паднаа во вода.
Попов е четвртиот македонски фудбалер што ќе настапува во англиската Премиер лига. Пред пет години, исто така во дресот на ВБА, играше некогашниот репрезентативец Артим Шаќири, кој во моментов е тренер на македонскиот прволигаш Шкендија. Пред нив премиерлигашко искуство имаа и Гоце Седлоски во Шефилд вензди и Ѓорѓи Христов во Барнсли. |