24.09.2012, 12:02 Металург продолжува во КПК
Лублин или Колехио Жоао де Барош следна пречка по неуспехот на патот кон ЛШ
Ракометарките на Металург го освоија третото место на квалификацискиот турнир за Лигата на шампионите што викендот се одржа во норвешкиот град Трондхајм, па својата европска одисеја ќе ја продолжат во Купот на куп-победниците. Таму во третото коло ќе го очекуваат победникот од двомечот меѓу Лублин од Полска и Колехио де Барош од Португалија, кои ќе разигруваат во средината на октомври. Подобриот меѓу нив во рамките на третото коло прво ќе гостува во Автокоманда на 10/11 ноември, а реваншот е една седмица подоцна.
Македонскиот првак лесно излезе на крај со холандскиот претставник Далфсен во Трондхајм, совладувајќи го со уверливи 34:26 во мечот за третото место, а во финалето германски Букстехуде го победи домаќинот Бјосен со 26:22 и ќе игра во групите од ЛШ. За групната фаза во најсилното европско клупско натпреварување се квалификуваа и Виборг, Клуж, Звезда Звенигород и Ференцварош.
Далфсен само во првото полувреме одржуваше играчка и резултатска рамнотежа, за во вториот дел составот на Крсто Петрушевски целосно да ја преземе контролата врз текот на настаните во салата „Спектрум“. Металург на одморот замина со тесна предност од 14:12, но во вториот полчас таа толку нарасна што во три наврата достигна и 12 гола разлика, последен пат 34:22.
На стартот од турнирот Металург беше декласиран од Бјосен со 29:19, а Бусктехуде го победи Далфсен со 34:31. (Р.Д.)
Металург - Далсфен 34:26
Полувреме: 14:12. Сала: „Спектрум“ во Трондхајм. Гледачи: 50. Судии: Кролоке и Кристијансен од Данска. Седмерци: Металург 2/4, Далсфен 1/3. Исклучувања: Металург 12 мин., Далфсен 6 мин.
Металург: Андреева, Антиќ, Јаломитеану, Мечевска 2, Грозданоска, Ѓорѓиевска 4, Бајрамоска 4, Десподовска, Пецевска 6, Младеновска 6, Николиќ, Николовска 1, Башиќ 5, Милачиќ, Вашчук 2, Митрова 4.
Далфсен: Липман, Синема, Шоп 1, Логтенберг 4, Е. Шуте, Ј. Шуте 2, Коикер, Смитс 3, Шунакер 2, Рос 4, Најбур 5, Книпенборг 1, Ван Лојвен 1, Остервелд 3.
|