23.09.2012, 17:40 „Црвеното дерби“ за Јунајтед
Манчестер направи пресврт и го совлада Ливерпул со 2:1 во традиционалното премиерлигашко дерби
Ливерпул остана без прва победа и по петтото коло во Премиер-лигата, но уште поболно за „црвената армија“ е тоа што претрпеа пораз од големиот ривал Манчестер јунајтед. „Ѓаволите“ на Алекс Фергусон победата ја заработија со сомнителниот пенал досуден од Марк Хелси, во 77. минута од средбата. Агер го собори Валенсија, а Ван Перси не погреши и погоди за целосен пресврт на резултатот.
Ливерпул поведе уште во првата минута од вториот дел, преку Џерард, иако играше со десетмина од 36. минута, кога Шелви брутално стартуваше врз Еванс. Манчестер не играше како да е поброен, меѓутоа ги искористи шансите што ги имаше, почнувајќи од 51. минута, кога Рафаел пласираше прецизно на додавање на Валенсија. Со четвртата победа, Манчестер собра 12 бода на втората позиција, а Ливерпул продолжи во агонија да го продлабочува најлошиот старт во историјата со само два бода по пет средби.
Фудбалерите на Челзи со многу мака ставија крај на црната серија која траеше неполн месец. Избраниците на Роберто ди Матео благодарение на Ешли Кол и неговиот погодок во 85. минута го поразија Стоук со 1:0 за враќање на самодовербата по серијата лоши резултати: поразот во Суперкупот на Европа од Атлетко Мадрид, ремито во Премиер-лигата против КПР и против Јувентус во Лигата на шампионите.
„Сините“ уште на самиот почеток наметнаа жесток ритам. Се обидуваа Торес, Оскар и останатите, но првата шанса ја имаа гостите преку Џонатан Волтерс, кој немаше среќа неговиот удар заврши во пречката. Вториот дел од мечот не донесе премногу возбудувања, а одлуката за победникот беше донесе пет минути пред крајот, Челзи конечно успеаја да го скрши отпорот на Стоук. Асистенцијата на Хуан Мата максимално ја искористи Кол за прв гол по две години и трета победа на својот тим во новото издание на англиската Премиер-лига.
„Ова беше вистинска битка. Стоук од секогаш имал силна психологија и не спречувал да ја прикажеме нашата препознатлива игра. Играат доста длабоко во одбраната, но ние го направивме вистински потег. Шансата ја претворивме во гол. Оваа победа има големо значење за нас, одлично е кога си на врвот на табелата, минатата сезона имавме големи проблеми во Премиер-лигата“, изјави по мечот Кол.
Кога станува збор за гостинскиот табор ова е прв пораз по четири нерешени резултати во серија.
Инаку, по завршување на мечот тимот од „Стенфорд бриџ“ го продолжи договорот со централниот напаѓач, Давид Луиз. Дресот на „сините“ Бразилецот ќе го носи и во наредните пет години. „Мојата цел е да освојам што повеќе трофеи со овој клуб. Отсекогаш посакував да игра за тим кој е на највисокото ниво - затоа сум дел од Челзи“, изјави Луиз.
Евертон засега одлично го чува местото во горниот дел од табелата, откако на гостувањето кај Свонси победи со 3:0. Аничебе во 22. минута го отвори резултатот, а додека Миралес и Фелани се погрижија одличната игра во новата сезона да ја крунисаат со убедлива победа на гостувањето во Велс.
Резултати од 5. коло: Ливерпул - Манчестер јунајтед 1:2, Челзи - Стоук 1:0, Свонси - Евертон 0:3, Саутемптон - Астон Вила 4:1, ВБА - Ридинг 1:0, Виган - Фулам 1:2. |