21.09.2012, 13:20 Ибраими стрелец против Панатинаикос
Македонскиот репрезентативец го постигна вториот гол за Марибор во победата од 3:0 во Лига Европа
Агим Ибраими стана третиот македонски фудбалер по Дарко Панчев и Горан Пандев што ја затресол мрежата на грчкиот гигант Панатинаикос во еврокуповите, постигнувајќи го вториот погодок за Марибор во победата на домашен терен од 3:0 на стартот од Лига Европа. Репрезентативецот на Македонија го постигна вториот гол за Словенците во 62. минута, кога по проигрувањето од играчот на мечот Маркос Тавареш испрати прецизна дијагонала одлево во горниот агол на гостинскиот голман Карнезис. Македонскиот напаѓач можеше да се радува на погодок уште во 5. мин., а во 53. мин. му создаде идеална можност на Бериќ, но стрелецот на водечкиот гол во 25. мин. биеше во голманот на Панатинаикос. На средбата во која Марибор ја оствари својата прва победа во групната фаза на Лига Европа и прва над грчки тим, воопшто, Ибраими ги одигра сите 90 минути, а веднаш по голот доби жолт картон. За третиот погодок на Марибор се погрижи Тавареш во 88. мин. од пенал.
Клубовите на уште шестмина фудбалери од Македонија беа активни синоќа, при што најмногу причини за задоволство имаат Дарко Тасевски и Даниел Георгиевски, кои се враќаат со бод од жешките гостувања. Хапоел Кирјат Шмона ремизира 1:1 со финалистот во Лига Европа, Атлетик Билбао, а Тасевски беше на теренот во сите 90 минути, исто како и Георгиевски во составот на Стеауа, која одигра 2:2 во Штутгарт. Израелскиот претставник во Билбао го доведе во водство Адријан Роше во 14 мин., а израмни Микел Сусаета во 40 мин. Стрелци за романскиот гигант беа Кипчиу во 6 мин. и Русеску во 80 мин. од пенал, а за Штутгарт погодија Ибишевиќ во 5 мин. и Нидермаер во 85 мин.
Еден против друг играа тимовите на Александар Лазевски (Партизан) и на Игор Митрески (Нефчи) во мечот без голови во Белград, во кој обајцата беа стартери и останаа во игра до крајот. Горан Пандев и Иван Тричковски, пак, не настапија за своите екипи од различни причини. Најдобриот македонски фудбалер доби поштеда на дуелот во кој Наполи на „Сан Паоло“ го декласира АИК од Стокхолм со 4:0 со хет-трикот на Чилеанецот Едуардо Варгас, а точка стави Блерим Џемаили во првата минута од судиското продолжение. Повредениот Тричковски не беше ни на клупата на Бриж, кој во Бордо беше декласиран со 4:0, а стрелци за Французите беа Сане во 13 мин., Гуфран во 27 мин., Енгелс си даде автогол во 47 мин. и голеадата ја заврши Жуси во 66 мин.
Бранителот на трофејот Атлетико Мадрид ја надгради рекордната низа од 14 победи во низа во европските куп��ви со триумфот од 3:0 против Хапоел во Тел Авив. Серијата на мадриѓаните почна на 3 ноември минатата година против Удинезе, по што го израмнија рекордот на Ајакс од 11 победи едноподруго остверн меѓу 1987 и 1988 година, се промовираа во осамени рекордери со победата над Атлетик Билбао во финалето на Лига Европа, а 13. успех во низа го остварија со „демолирањето“ на Челзи во европскиот Суперкуп.
ГОЛЕАДА ВО БЕРН
Група А: Јанг бојс - Ливерпул 3:5, Удинезе - Анжи 1:1.
Група Б: Хапоел Тел Авив - Атлетико Мадрид 0:3, Плзен - Академика 3:1.
Група Ц: АЕЛ - Борусија Менхенгладбах 0:0, Фенербахче - Марсеј 2:2.
Група Д: Маритимо - Њукасл 0:0, Бордо - Бриж 4:0.
Група Е: Штутгарт - Стеауа 2:2, Копенхаген - Молде 2:1.
Група Ф: Днипро - ПСВ Ајндховен 2:0, Наполи - АИК 4:0.
Група Г: Генк - Видеотон 3:0, Спортинг - Базел 0:0.
Група Х: Интер - Рубин 2:2, Партизан - Нефчи 0:0.
Група И: Лион - Спарта Прага 2:1, Атлетик Билбао - Хапоел Кирјат Шмона 1:1.
Група Ј: Марибор - Панатинаикос 3:0, Тотенхем - Лацио 0:0.
Група К: Рапид Виена - Розенборг 1:2, Баер Леверкузен - Металист 0:0.
Група Л: Леванте - Хелсингборг 1:0, Твенте - Хановер 2:2. |