22.09.2012, 13:51 Исчезнатиот Охриѓанец пронајден мртов
Дебарската полиција, во продолжената акција за потрага денеска го пронајде мртов исчезнатиот Охриѓанец, 78-годишниот Митре Докузовски.
Според полицискиот портпарол, Стефан Димоски, од првичните сознанија на телото не се забележани траги на насилство. Мртвото тело на Докузовски, било пронајдено на местото „Кај лединки“ каде што сопругата посочила дека заминал да коси, а се наоѓа веднаш над патниот правец Дебар-Маврово.
Таа во Полициската станица во Дебар за исчезнат го пријавила во еден часот по полноќ на 21 септември, откако тој не се вратил дома и не одговарал на повиците на мобилниот телефон.
Докузовски, кој потекнува од дебарското село Рајчица и има имот наследен од родителите, со сопругата дошол во местото пред неколку дена. Завчера во 16 часот, тој заминал да коси и не се вратил.
Истражен судија и обвинител од Основниот суд од Гостивар се очекува да пристигнат и да извршат увид. |