22.09.2012, 13:37 Нема отпуштања во администрацијата
Од Владата соопштуваат дека нема да се дозволи отпуштања од администрацијата и покрај предизвиците кои се резултат на влијанието на европската должничка криза
Владата нема да дозволи отпуштања од администрацијата и покрај предизвиците со кои се соочува како резултат на влијанието на европската должничка криза, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
- Иако постојат определени притисоци, појави, случувања во регионот каде има отпуштање на работници како најновиот пример во Хрватска каде 20 илјади административци се отпуштаат од работа, а порано и во Романија околу стотина илјади државни службеници на некој начин се отстранети од работните места, и со оглед на европската должничка криза и притисокот што го прави врз Република Македонија, сепак Владата останува на ставот дека во идниот период нема да биде дозволено да се доведеме во ситуација да се отпуштаат работници од администрацијата, рече Ѓорѓиев.
Тоа, додаде, е став на Владата што е официјален, аргументиран и што ќе опстои на сцената.
- Значи нема да има никакви отпуштања од државната администрација, ниту од јавната администрација во идниот период и покрај предизвиците со коишто се соочуваме како резултат на влијанието на европската должничка криза, истакна владиниот портпарол. |