21.09.2012, 17:10 Металург по чудо во Норвешка
Македонскиот женски ракометен првак денеска стартува во квалификациите за ЛШ против Бјосен
Ракометарките на Металург не се меѓу фаворитите на квалификацискиот турнир за Лигата на шампионите во норвешкиот град Трондхајм викендов, па евентуалниот триумф и пласман во групната фаза ќе бидат рамни на чудо. Македонскиот првак стартува денеска од 14,30 ч. против домаќинот Бјосен, а од 17 ч. ќе играат Букстехуде од Германија и Далфсен од Холандија. Победниците во финалето в недела од 18 ч. ќе се судрат за единствената виза за ЛШ од групата, а поразените ќе се сретнат од 15,30 ч.
Тимот на Крсто Петрушевски има лошо искуство со Бјосен, од кој губеше и на двата турнира од квалификациите за ЛШ одиграни во последните две сезони во Автокоманда. Во предминатата беше 26:20 за Норвежанките, а лани 20:17 во мечот за третото место на турнирот во Скопје.
Голем хендикеп за Бјосен, воедно и шанса за Металург, е повредата на десниот бек Тоње Ностволд, која со норвешката репрезентација летоска го освои златниот медал на Олимписките игри во Лондон. Во нејзино отсуство товарот ќе падне на бековите Ида Алстад и Марта Томац, на пикерот Јуне Анденаес и на левото крило Камила Херем.
Почнувајќи од дебито на европската сцена во сезоната 1995/1996, кога стигна до полуфиналето во Купот на куп-победниците, Бјосен е редовен учесник на куповите на ЕХФ. Најголем успех му е финалето во КПК пред пет години, кое го загуби против Олтким Валчеа од Романија. Минатата сезона не ја помина групата од главната фаза во ЛШ, во која забележа победа и реми со германски Турингер, победа на гости и пораз дома од дански Митјиланд, како и два уверливи неуспеха против подоцнежниот европски првак Будуќност. (Р.Д.) |