21.09.2012, 13:51 Скратена претсезоната во НХЛ
Официјалните лица ја скратија првата недела од претсезоната на најпопуларното хокеарско натпреварување на планетата, бидејќи се' уште нема нов колективен договор
Локаутот во НХЛ ги донесе и првите конкретни последици по најпопуларното хокеарско натпреварување на планетата. Официјалните лица ја скратија првата недела од претсезоната бидејќи се' уште нема нов колективен договор. Претсезоната требаше да почне на 23 септември, но наместо тоа ќе стартува на последниот ден од месецот, кратејќи 60 натпревари од распоредот.
Откако заврши претходниот колективен договор, минатиов викенд, челниците на лигата и претставниците на играчите никако не можат да дојдат до заеднички јазик за поделба на профитот од 3,3 милијарди долари профит од минатата сезона, што значеше почеток на локаутот. Последниот состанок беше претходната среда, но ништо на неа не навести дека наскоро ќе дојде до спогодба. Ако ставовите останат цврсти, се заканува загрозување и на официјалната сезона која е предвидено да почне на 11 октомври. Ова е четврти локаут во последните 20 години во НХЛ. Најсериозни беа несогласувањата пред осум години кога беше откажана целата сезона 2004/05.
Официјални лица од НХЛ се состанале со претставници на вработените во лигата и ги информирале дека нивните работни места нема да бидат загрозени (засега), но затоа ќе имаат намалени плати. Според привремената ситуација, тие ќе работеле четири дена во неделата и ќе земаат 80 проценти од досегашните примања. Ова, секако, не е за поздравување, но може да ги теши вработените во НХЛ затоа што, за илустрација, минатата година, за време на локаутот во НБА-лигата, биле отпуштени 114 лица. |