22.09.2012, 12:51 Се модернизираат 16 училишта
Владата одлучи да почне проект за модернизација на дополнителни 16 училишта од кои шест средни и десет основни, за што обезбеди 3 милиони евра во соработка со Банката на Советот на Европа.
- Финансиите се грант и се добиени како заслуга и како резултат на активноста на државата на полето и на инвестициите во образованието. Сите активности за реконструкција во 16. училишта ќе бидат завршени во 2013 година, рече денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар. Ѓорѓиев.
Модернизацијата ќе опфати реконструкција на надворешноста и внатрешноста на училиштата, прозорци, кровови, подови, инсталации за греење, санитарни јазли, фасади, ....Шеснаесетте училишта се избрани врз основа на доставени проекти на јавен конкурс за кои стручни комисии процениле дека се потребни интервенции.
Владиниот портпарол информира дека ќе се модернизираат средните училишта „Кочо Рацин“ во Велес, „Љупчо Сантов“ во Кочани, „Таки Даскало“ во Битола, „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, „Кирил Пејчинович“ во Тетово и „Ибрахим Темо“ во Струга. Основни училишта што ќе бидат модернизирани се битолското „Коле Канински“, „Наим Фрашери“ во Врапчиште, „Ванчо Прќе“ во Штип, „Живко Чинго“ во Охрид, „Братство Единство“ во Гостивар, „Кочо Рацин “ во Кратово, „Браќа Миладиновци“ во Куманово, „Маршал Тито“ во Муртино, „Свети Кирил и Методиј“ во Велес и „25 Мај“ во Скопје.
- Со овој проект за модернизација директно ќе се подобрат условите за учење на над 17 илјади ученици. Со него се опфатени училишта од различни региони, од општини со различна политичка припадност на градоначалникот и училишта каде што учат ученици од различни етнички заедници, што ја докажува посветеноста на Владата за инвестиции без никакви дистинкции, рече Ѓоргиев.
Договорот за обезбедување на грантот од Банката на Советот на Европа ќе биде потпишан до крајот на месецов. Потоа ќе следи постапка за избор на економски оператори за проектирање и за вршење градежни работи по што би започнала и физичката градба за модернизирање.
|