21.09.2012, 09:54 Ветераните денеска на Марш на мирот
Главниот, градскиот и општинските одбори на Сојузот на борците на Македонија во соработка со Националната комисија на УНЕСКО при Министерство за култура, денеска ќе одржат Марш на мирот по улиците на Скопје, до споменикот пред Владата на Република Македонија.
Мировниот марш е дел од обврската на Сојузот на борците на Македонија, како член на Светската федерација на ветераните, добиена од Генералното собрание на ООН – по повод Меѓународниот ден на мирот - 21 септември.
Собирното место на годинашниов Марш на мирот е пред паркот Жена - борец од 10:30 до 11 часот. Од 11 часот поворката ќе се движи по улиците „Димитрија Чуповски“ и „Васил Главинов“ до мостот „Гоце Делчев“, а потоа по булевар „Илинден“. Мировната поворка во 12 часот ќе пристигне пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје, пред Владата на Република Македонија.
Тука ќе се одржи мировна свеченост, на која главен акцент ќе бидат двете пораки, светската од генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова и националната порака од Република Македонија од претседателот на Главниот одбор на СБМ, генерал Тодор Атанасовски. Пораките ќе бидат прочитани во 11:55 часот. Ќе биде изведена пригодна културно-уметничка програма, ќе се читаат литературни творби и дела на млади автори ученици. Ќе биде доставена и телеграма до генералниот секретар на ООН Бан Ки-мун и до Светската федерација на ветераните.
Сојузот на борците ги повикува сите граѓани, без оглед на своите политички, национални и верски определби, најмасовно да излезат и се вклучат во Маршот на мирот. Тие очекуваат масовен собир бидејќи пораките што ќе ги упатат се однесуваат за мир и толеранција и за еднаквост на половите, за одржливост на мирот и социјалниот и културниот напредок на народите во светот.
Ова е петто одбележување на Меѓународниот ден на мирот. Мировни маршови денеска ќе се организираат и во други градови низ Македонија - Битола, Штип, Охрид, Гостивар, Струга, Струмица, Гевгелија... |