20.09.2012, 12:48 Владата ќе отвора градинки во руралните средини
Отворање нови 14 градинки за згрижување деца од предшколска возраст во рурални места во 13 општини предвидува првата фаза од Акцискиот план што го усвоила Владата на последната седница.
Како што информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, новите градинки ќе бидат отворени во веќе постоечки капацитети во овие населени места, кои ќе бидат целосно реконструирани, адаптирани и опремени согласно сите стандарди. Се очекува дел од новите градинки да почнат со работа во првото тримесечје од наредната година, а останатите во второто.
- За реализација на активностите за адаптација и отворање на детските градинки Владата обезбеди средства во вкупна вредност од 12,630 милиони денари од кои 8,850 милиони се за реализација на градежни работи за адаптација, а 3,790 милиони денари за комплетно опремување на градинките, истакна Ѓорѓиев.
Новите градинки ќе бидат отворени во селото Трсино, општина Виница, населеното место Градско во општина Градско, Нов Дојран во општина Дојран, селото Глишиќ, општина Кавадарци, селото Бели, општина Кочани, селата Припор и Драчево во општина Кисела Вода, селото Пепелиште и Криволак, општина Неготино, село Тремник, општина Неготино, селото Тополчани, општина Прилеп, селото Калуѓерица, општина Радовиш, село Јанковец, општина Ресен, село Доброште во општина Теарце и селото Чешиново во општина Чешиново-Облешево.
Како што најави владиниот портпарол, во скоро време ќе биде распишана постапка за избор на економски оператор кој ќе треба да изврши комплетно адаптирање и реновирање на просторот за сите градинки, како и да ја обезбеди целокупната опрема. - Со овие капацитети ќе бидат згрижени околу илјада деца од руралните средини. Тие ќе добијат градинки во непосредното место на живеење што значително ќе ги намали трошоците во време и средства за нивните семејства, а и ќе придонесе за поголем квалитет за социјализација на децата во позната средина, рече портпаролот Ѓорѓиев.
Според анализите што се направени, досега поголем дел од децата од овие рурални средини посетувале детски градинки, но тие биле оддалечени од нивните места на живеење по 10 до 12 километри. Мал дел од децата од овие места воопшто никогаш не биле запишани во градинка.
Портпаролот Ѓорѓиев најави дека Владата ќе продолжи со реализација на планот за отворање нови градинки и во други средини што треба да се направи во наредните неколку фази. |