25.09.2012, 15:05 Волкот сака да биде напаѓач во Арсенал
Англичанецот, чиј идол е Анри, се' уште не го продолжил договорот со „топчиите“
Покрај тоа што го наследи бројот на дресот на Тиери Анри, Тео Волкот посакува да игра на истата позиција на која Французинот се прослави и воедно да го продолжи договорот со „топчиите“ ако може. Анри од крилен играч стана напаѓач на Арсенал, по што брзо се запиша во историјата на англискиот клуб како најдобар стрелец. Во оваа насока Волкот посакува да му се одвива кариерата, бидејќи Англичанецот е крајно незадоволен од тоа што постојано игра по десната аут-линија.
„Сакам да бидам легенда на Арсенал. Тиери во клубот дојде на 22 години, па би сакал да станам клупска легенда како него и да играм во нападот, што за мене е важен услов. Играв на позицијата десно крило, но има шанса да играм како истурен играч. Мислам дека дојде дојде времето за тоа“, изјави Волкот.
Во лондонскиот клуб засега најактуелно е продолжувањето на договорот на Волкот. Менаџерот Арсен Венгер најави дека наредните два месеца ќе бидат решавачки за постигнување на евентуален договор. Едно е сигурно, преговорите нема да се одвиваат лесно, бидејќи минатиот месец Волкот одби да потпише петгодишен договор за неделна плата од 75.000 фунти, бидејќи, според соиграчите, побарал 100.000.
„Не сум човек врз кој можат да влијаат парите. Моите одлуки секогаш се темелат врз основа на фудбалот. Се надевам дека со клубот ќе успееме да се договориме. Тој процес ќе биде многу бавен, бидејќи мојот договор истекува за шест месеци. Најважно е дека никогаш не сум кажал дека сакам да си одам. Отсекогаш сум сакал да останам“, заврши 23-годишниот англиски репрезентативец.
|