17.09.2012, 15:58 Невработени ќе добијат пари да отворат фирма
Нови 1.000 невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување најмалку една година, ќе имаат можност да се вработат преку проектите за самовработување со кредитирање и за финансиска поддршка на микро и мали претпријатија за отворање нови работни места. Невработените имаат можност за отворање нова фирма да добијат од 3.000 до 15.000 евра, во зависност од бројот на нови работни места кои ќе бидат отворени. Проектите важат за земјоделците, трговците, угостителите, текстилците и туристичките работници. Фирмите кои во рамките на овој проект ќе вработуваат нови работници ќе имаат обврска да ги задржат најмалку една година.
За двете програми за вработување се обезбедени средства во висина од околу 193 милиони денари. Огласот со условите кои треба да ги исполнуваат невработените беше објавен во саботата, а заинтересираните ќе може да аплицираат до 1 октомври годинава.
Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, двете мерки не се специјално наменети за надминување на економската ситуација во која се наоѓа државата, но индиректно тие би влијаеле на неа.
„Проектите се редовен дел од оперативните политики за вработување, но индиректно би влијаеле на стабилизација на дел од економската состојба кај определени компании“, истакна Ристовски. Тој потенцира дека во моментов не може да се претпостави дали рецесијата ќе предизвика отпуштање на работници од фирмите. Дел од работодавците, преку Стопанските комори најавија вакви мерки, но засега не се преземаат никакви потези на тој план. Ристовски нагласи дека и во минатиот период кога беше актуелната светска економска криза имаше најави за отпуштање работници, меѓутоа тоа не се случи со толкав интензитет како што беше најавувано.
Според директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, целта на двете мерки е да им се даде поттик на компаниите да го зголемат бројот на вработените, а воедно да добијат соодветна финансиска помош.
Проектот за самовработување со кредитирање постои повеќе од четири години и досега се поддржани 3.867 кредитобаратели за вработување на 4.511 лица и одобрена е исплата на кредитни средства во износ од околу 832 милиони денари. Проектот за финансирање на микро и мали претпријатија досега опфати 167 лица. (С.Н.)
|