17.09.2012, 15:08 СДСМ: Власта се обидува да ја минимизира рецесијата
Опозициската СДСМ оценува дека власта се обидува да го минимизира фактот оти македонската економија е во рецесија и бара итни чекори од нејзина страна за надминување на проблемите во економијата.
Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски денеска на прес-конференција рече дека во обид да се ослободи од одговорност за рецесијата претставниците на власта изнеле невистини оти и ЕУ и евро-зоната се во рецесија.
Според Јовановски, сега приоритет е граѓаните и фирмите заедно да ја преживеат кризата, а Владата да носи разумни и храбри одлуки со стопирање на сите непродуктивни трошоци. Потпретседателот на СДСМ наведе дека треба да прекинат сите владини реклами и кампањи, сите спонзорства на Владата и на јавните претпријатија, како и да се стопираат сите нови нарачки на споменици, фасади, набавки на возила.
Воедно, смета СДСМ, во наредните 10 дена Владата во соработка со стопанските комори треба да го објави целиот долг кој државата го има кон стопанството, по основ на неплатени обврски и по основ на поврат на ДДВ и да објави план со кој целиот нејзин долг кон фирмите ќе биде платен во наредните три месеци.
|