17.09.2012, 16:15 ЗНМ го поддржа Законот за декриминализација
Здружението на новинари на Македонија го поддржува усвојувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, во чие изготвување учествуваа и претставници на здружението во период од речиси една година.
ЗНМ соопшти дека посебно го поздравува, како што се подвлекува, храбриот чекор на Владата што одлучи да не ја декриминализира само клеветата и навредата, туку целата Глава од Кривичниот закон што се однесува на делата против честа и угледот.
- За нас како здружение од суштинска важност е да се вградат сите забелешки на експертите на Советот на Европа за да бидеме сигурни дека сме донеле закон со најдобрите европски практики од оваа област. За решенијата на законот очекуваме да се води отворена и аргументирана јавна расправа, со цел заедно да ги идентификуваме евентуалните слабости и да ги подобриме решенијата. Треба да бидеме сигурни дека законот е во согласност и со нашиот Устав, се вели во соопштението.
Според ЗНМ, овој закон значително ќе ја подобри законската рамка за слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Целта на неговото донесување, се потенцира во соопштението, ќе се постигне само ако сите ние почнуваме да ги менуваме нашите навики.
- Носителите на јавни функции да разберат дека мора да ги издржат критиките од јавноста и тогаш кога тие можеби изгледаат претерани. Судиите исправно да го применат законот, а новинарите да покажат поголема посветеност кон почитување на професионалните стандарди и етика, соопшти ЗНМ и укажува оти успехот нема да биде целосен ако Владата во наредниот период не постапува и по другите прашања од дијалогот со ЗНМ во однос на владините кампањи, социјалните и работничките права на новинарите, реформата на јавниот радиодифузен сервис и зголемување на транспарентноста на институциите.
- Процесот беше тежок и некогаш изгледаше невозможен. Ако треба да се послужам со спортски жаргон за да ја опишам атмосферата за разговорите со Владата за декриминализација, во текот на овој натпревар посилната страна направи неколку фаули. Не се жалевме и ги прифаќавме нивните извинување дека фаулите се ненамерни затоа што не сакавме да се предадеме, сакавме до играме до крај и да обезбедиме поволен резултат, изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани, додавајќи оти Владата успеа да покаже посветеност дека ги исполни нејзините обврски во сложениот пат на евроинтеграција и покажува поголема посветеност да работи на европската агенда. |