16.09.2012, 17:19 Поглед
Скандалот на Денев
Сунчица Уневска
Битола пулсира целосно во знакот на Фестивалот „Браќа Манаки“. Оваа година е посебна, се чини целата еуфорија се создаде токму на почетокот, и тоа поради присуството на француската дива Катрин Денев, но и поради премиерата на македонскиот филм „Трето полувреме“ на Дарко Митревски. Самите битолчани велат дека никогаш не било вака на „Манаки“, толкаво интересирање и толкава посетеност.
Но, колку што има одлична и нагласено фестивалска атмосфера, толку од друга страна, и работите не минуваат без своевидни скандали. Првенствено, филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски предизвика различни коментари. Има луѓе кои го доживеаја многу емотивно, има и негативни оценки од одредени странски филмски критичари, но има и забелешки околу „национализмот“, кои дел од публиката сметаат дека го има нагласено во филмот. Така протече и прес-конференцијата, на која иако Митревски не сакаше да зборува за тие прашања, сепак тоа беше доминантно.
Друго што го одбележува почетокот е однесувањето на големата ѕвезда Катрин Денев. Бидејќи, колку што предизвикува одушевување, толку и збунува нејзиното оригинално однесување, без никакви скрупули или отстапки кога се работи за „загрозување“ на нејзиниот простор. Катрин Денев е навистина голема ѕвезда од оној, би рекле, стар ков, вистинска дама која е опкружена со луѓе кои се грижат за секој детал околу неа.
Таа може да биде и прекрасна, но и многу незгодна кога нешто не и' се допаѓа. За жал, така протече отворената средба со неа, на која покажа голема нервоза и незадоволство поради начинот на водење на разговорот, па сосем отворено ја игрнорираше модераторката и самата бараше да се вклучи публиката. Во секој случај, Денев е единствена, а Фестивалот и начинот на кој е организиран, веќе во првите два дена ги одушевува странските гости. |