16.09.2012, 18:57 Мислења
Бели панделки за црни петна
Арсим Зеколи
Слободата, демократијата, денеска е прерогатив на убаво спакувни легалистички формулации, оценки, политички конвенциона-лности и изборни слогани
Додека го читате написот пред вас, комесарот Филе е веќе тргнат кон, со добри намери поплочениот пат кон Македонија, поминувајки географски, административни, но и современи граници на европската демократија и идеолошкиот ориент. На пат кон оваа земја која се' повеќе наликува на малото успиено германско село од "Белата панделка" на Михаел Ханеке во мугрите на Првата светска војна. Село во сопственост на мрзоволниот барон, кој вработува само половина од населението додека на другата и го одземе лебот насушен, по волја на својата моќ. Село во кое мистериозни случувања и убиства остануваат нерешени, додека пак омилена разонода е авторитарното малтретирање на младите, чиј потиснат гнев и фрустрација допрва ќе ја испишуваат историјата на иднината.
Бездруго ја споделувам надежта на сите нас дека некаде во својата ташна комесарот Филе крие некоја магична мелем- формула за нашите само-нанесени повреди. Но колку и да посакуваме, сепак добро знаеме дека еден ден и една посета не носат промена ниту надеж за подобро, ниту препорака за преговори. Нагласувајќи дека и покрај сите оправдувања и негодувања, вината пред и над се' лежи врз нашите свиткани 'рбети и генетски наследениот страв од летање кон повисоки цели и хоризонти.
Поминати се времињата во кои во кои "слободните луѓе се' уште пееја за слободата а онака робовите сонуваа за неа", кога демократијата и оценките за неа ни' припаѓаа нам, на граѓаните и обични луѓе. Ова се други времиња во кои "Унијата веќе не е управувана од принципите на слободата и демократијата, на кои Брисел некогаш не' подучуваше. Таа сега почива врз принципите на олигархија", како што ламентира колегата од словачкиот весник Хосподарске новини. Слободата, демократијата, денеска е прерогатив на убаво спакувни легалистички формулации, оценки, политички конвенционалности, изборни слогани, административни формулари и бирократски оправдувања.
Во оваа исцрпна борба за исполнување на ЕУ критериуми и фризирање на извештајни параграфи, прва жртва се вистинските европски вредности за кои зборувавме на патот кон парламентарнаата демократија. Колку само смешно и жално звучат денеска имињата и зборовите на Моне и Шуман, изгубени во "надградените и проширени" преводи на новата генерација реал-политичари од евро-зоната. Беше еднаш една Европа во која постоеја водачи спремни да водат по храброст и визија, како светилници за поробените народи од другата страна на железната завеса. Неодминливо е чувството дека во таа поделена Европа постоеше повеќе дух на припаѓање кон една идеја, отколку во денешната Европска Унија на раштимани гласови и разроки погледи. Во која политичката храброста се мери по бојкоти на фудбалски првенства, а визијата ја одредуваат маркетинг агенции за предизборни рејтинзи. Се разбира, секоја сличност помеѓу стилот на владеење помеѓу Брисел и Скопје е намерна, како сведоштво за времето и духот на владетелите.
Затоа, за жал, не треба да бидеме изненадени што комесарот Филе нема да има време за посета на Љубе Бошкоски или средба барем со адвокатите на обвинетите од "Монструм". Ниту пак да ги прими претставниците од "Аман". Под изговор на "јасно исцртани очекувања" однадвор и "добро елаборирани" претставувања на домашните фактори на одлучување, нема да има ниту желба или потреба да се сретне ни со Ацо Кабрамов, ако ништо друго, за да слушне дека и денес, се' уште, некаде во Европа некои луѓе се борат за слобода на јавниот глас. Сведоштвото на господинот Кабрамов не е толку важно за да влијае на квалитетот на оценката за работата и успешноста на домашните и бриселски интегративни демократии. Важна е оценката на лоботомираните новинарски здруженија и нивните владини домини. Барем така ценат комесарот Филе и амбасадорот Орав.
Не верувам ниту дека господинот Филе ќе не' удостои со одговор на пред година дена поставеното прашање за дискриминацијата на Албанците во светилникот на европскат�� демократија во Скопје, канцеларијата на Евро-делегацијата. Уште помалку очекувам дека во својот извештај Европската Унија ќе вметне некое ново поглавје за "грешките, превидите и непринципиелните однесувања на Европските билатерални и мултилатерални политики кон Република Македонија". А сите добро знаеме дека ги има. И тоа како, раширени од Атина, преку Берлин, се' до Брисел. Оттаму, се' повеќе ми се бендисува идејата на некои млади луѓе од Скопје да подготват Регрес Извештај за стагнацијата на Европската Унија кон Македонија, како своевидно компаративно сведоштво од нашата жабја перспектива. Во склад со старата мудрост "ин медиас рес", можеби тогаш ќе имаме појасна перспектива каде стоиме и во која грмушка спие зајакот на вистината.
Да бидеме реални - суштината на престојот на Филе во Скопје е јасно запишана во агендата на посетата, набиена со состаноци низ Министерствата за домашни вистини и со Секретаријатот за "невидени успеси". Како и закуските со полит-партиските владини лидери кои бездруго ќе ја потврдат својата "преданост и ориентација кон европските вредности и интеграции", за на крајот да додадат "но ….".
Затоа, доколку комесарот Филе навистина има желба и интерес да допринесе кон подобрување на состојбите кај нас, неговиот најголем допринос и успешноста на посетата ќе биде преку јасно, гласно и над се' јавно пренесена порака до самото срце на темницата на нашата состојба. Порака упатена до самите лидери дека внатрешната поставеност, корупција и непотизам во најголемите политички партии е неспоиво со демократијата и европските вредности, и неприфатливо од страна на Брисел. Воздржаноста или незаинтересираноста да се пренесе таквата порака до лидерите на водечките партии повторно ќе биде сфатена од нив на ист начин како што ликот од "Белата панделка" размислуваше за злосторството и казната. "Му дадов можност на Бога да ме казни. Тој не го направи тоа. Значи дека е задоволен со мене".
(Авторот е аналитичар)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |