16.09.2012, 19:11 Меридијани
Нема повеќе економски чуда
Дани Родрик
Сите успешни економии во последниве шест децении го должат својот раст на брзата индустријализација
Пред една година економските аналитичари беа зашеметени со оптимизам во врска со изгледите за економски раст во земјите во развој. За разлика од САД и Европа, каде што перспективите за пораст во најмала рака изгледаа слаби, од новите пазари се очекуваше да ги одржат своите силни перформанси од времето на деценијата што и' претходеше на глобалната финансиска криза и така тие да станат мотор на светската економија.
На пример, економистите во „Ситигруп“ храбро заклучија дека никогаш досега околностите не биле толку корисни за широк, одржлив развој во целиот свет и проектираа брз раст на светското производство до 2050 година, предводено од земјите во развој во Азија и во Африка. Денес, таквите разговори се истиснати од загриженостите околу тоа што „Економист“ го нарекува „голем застој“. Неодамнешните економски податоци во Кина, Индија, Бразил и во Турција посочуваат на најслаб раст во овие земји во последниве години. Оптимизмот му отстапи простор на сомнежот.
Има силни причини да се верува дека брзиот раст ќе се покаже како исклучок наместо како правило во наредните децении.
Да се разбере зошто, мора да се разбере како се создадени „чудата на растот“. Освен неколку мали земји што имаа корист од среќата со природните ресурси, сите успешни економии во последниве шест децении го должат својот раст на брзата индустријализација. Ако за едно нешто сите се согласуваат за рецептот на Источна Азија е тоа што Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван и, се разбира, Кина сите се многу добри во тоа што ја преселуваат нивната работна сила од руралните области (или неформалните активности) во организирано производство. И претходните случаи на успешни економски достигнувања, како што се САД или Германија, не се поразлични.
Индустријализацијата овозможува брзи достигнувања, бидејќи релативно е лесно да се копираат и имплементираат странски производствени технологии, дури и во сиромашни земји кои имаат многу неповолни околности. Интересно, моето истражување покажа дека преработувачката индустрија има тенденција да го затвори јазот со границата на технологијата со стапка од околу 3% годишно, без оглед на политиките, институциите или географијата. Како резултат на тоа, земјите кои се во можност да ги трансформираат земјоделците во фабрички работници ги берат плодовите на огромниот раст.
Сиромашна земја лесно може да се натпреварува со Шведска во широк спектар на производствени линии; но потребни се многу децении, ако не и векови, за да се достигнат шведските институции.
Успешен долгорочен развој бара двонасочен притисок. Тоа бара придвижување на индустријализацијата, придружена со постојана акумулација на човечки капитал и институционален капацитет за да се одржи раст поттикнат од услугите откако индустријализацијата ќе го достигне својот лимит. Без придвижување на индустријализацијата, економскиот подем е многу тежок. Прво, технолошкиот напредок му даде на индустрискиот развој многу повеќе интензитет на вештината и капиталот отколку што тоа беше случај во минатото. Ќе биде невозможно за следната генерација на индустријализирани земји да преселат 25% или повеќе од нивната работна сила во производството, како што го направија тоа источноазиските земји.
Второ, глобализацијата, воопшто, и подемот на Кина, особено, значително ја зголемија конкуренцијата на светските пазари, што им ја отежнаа работата на новодојденците да си направат простор за себе. Иако кинеската работна станува станува се' поскапа, Кина останува сериозен конкурент за која било земја што размислува за влез во преработувачката индустрија.
(Авторот е професор по меѓународна политичка економија на Универзитетот Харвард, и на „Парадоксот на глобализацијата: демократијата и иднината на светската економија“.
Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |