14.09.2012, 12:34 „Скопје сити мол“ ќе ги отвори вратите на 4 октомври
Новиот трговски центар „Скопје сити мол“ ќе ги отвори вратите за своите посетители на 4 октомври. Долгоочекуваното пуштање во употреба на најголем трговски центар во Македонија и еден од најголемите во регионот, на граѓаните конечно ќе им донесе 150 реномирани светски брендови и најголеми локални трговски марки.
Трговскиот центар располага со вкупна површина од 90.000 квадратни метри од кои 39.000 квадрати се наменети за издавање. Посетителите ќе го имаат на располагање и најголемиот паркинг простор во градот со 1.300 паркинг места вклучувајќи подземно ниво и катна гаража.
Вкупната досегашна инвестиција во трговскиот центар изнесува 70 милиони евра, а ќе овозможи вработување на околу 2.000 лица.
Определбата на „Скопје сити мол“ е да ги задоволи потребите на домашните, но и на потрошувачите од регионот за квалитетен и современ трговски простор и да стане најуспешен шопинг центар на Балканот со околу 7,5 милиони посетители во првата година. „Зара“, „Масимо Дути“, „Страдивариус“, „Пул енд Беар“, „Бершка“, како и францускиот синџир супермаркети „Карфур“, го најдоа своето место во „Скопје сити мол“ и за прв пат ќе имаат свој продажен простор во Македонија.
Трговскиот ќе нуди и богати забавни содржини како што се мултиплекс-кино со 3Д технологија на „Синеплекс“, куглана за семејна забава и деловно дружење „Бо Боулинг“, повеќе кафе-барови, ресторани, брза храна, козметика, книжарница, детски катчиња, потреби за домаќинство, сервисни услуги и многу други содржини. (С.Р.)
|