16.09.2012, 12:45 Арифи со позитивни очекувања пред средбата со Филе
Вицепремиерката за евроинтеграции изјави дека очекува со еврокомесарот Филе да има добра и успешна средба од дијалогот на високо ниво
Очекувам со еврокомесарот Филе да имаме добра и успешна средба и трета рунда од дијалогот на високо ниво. Мислам дека имаме позитивни резултати и добри информации во однос на три големи прашања кои се во заемен интерес меѓу нас и ЕУ, изјави вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Едното, додаде таа, се сетот закони кои се однесуваат на изборите, за кои ние добивме мислење од ��БСЕ и ОДИХР, каде што во голема мера се усогласивме. Второто е законот за декриминализација на клеветата и навредата, во рамки на кој се усогласивме со Советот на Европа и имаме експертско мислење од страна на Советот на Европа. И третото е извештајот кој се однесува на прашањата од реализација на Охридскиот рамковен договор.
- Очекувам да имаме успешна рунда што е многу битна и многу клучна имајќи го предвид фактот дека се одржува пред извештајот за напредокот на земјава и секако пред декември, кога ќе се одржи состанокот на Советот на Европската унија, вели Арифи.
Според неа, еден од приоритетите е и реформа во изборното законодавство, односно, како што е наведено во патоказот - целосно одвојување на државата од партија.
- Во однос на принципот на одвојување на партијата и државата како дефиниција што стои во патоказот, тоа е еден политички оптимум што сите ние како претенденти на европски стандарди мора да го расчистиме како волја и како ориентација. Во оваа фаза на тој план имаме направено исчекор, посочува вицепремиерката Арифи.
Јас мислам, додава таа, дека ние покажавме добра динамичност во однос на реформите во изборното законодавство, имајќи го предвид фактот дека е големо прашање што се следи со голема заинтересираност од ЕУ.
- Изборниот законик се работеше во рамките на работната група во Министерство за правда, истиот беше испратен за ревизија во ОБСЕ и ОДИХР. Тука го имаме и законот за финансирање на политичките партии и сет други прашања кои се однесуваат на изборите. Мислам дека ние како земја треба да го одржиме позитивниот тренд на оценување од минатите избори па натака. Да ги зголемиме стандардите, тоа е наша цел и на ЕУ, исто така и мислам дека тука оценките ќе бидат позитивни, вели вицепремиерката Теута Арифи во интервјуто. |