11.09.2012, 15:17 Македонската филхармонија со концерт во Битола
Kако своевидна увертира пред новата концертна сезона Македонската филхармонија вечерва во Битола ќе одржи концерт под диригентската палка на Борјан Цанев
Македонската филхармонија вечерва во Битола ќе одржи концерт, како своевидна увертира кон официјалното отворање на новата концертна сезона на оваа институција, која ќе почне на 27 септември во Домот на АРМ. Во Центарот за култура во 20 часот, Филхармонијата ќе настапи под диригентската палка на Борјан Цанев, а како солист ќе се претстави Владимир Костов на виолина, со изведба на „Романса“ во Ф-дур од Бетовен. Битолчани ќе имаат можност да го слушнат и делото „Анданте“ за гудачки оркестар од македонскиот композитор Сони Петровски, создадено во 1997 година. Ова се смета за едно од најизведуваните дела на Петровски, кое е оркестрирано за различни состави. „Анданте“, всушност, е дел од оркестарската суита „Зодијак“, а го претставува знакот Рак. (Т.И.) |