13.09.2012, 15:25 Роналдо фокусиран на победите, а не на договорот
Враќајќи се во Мадрид од репрезентативните обврски, Португалецот го сврти листот
Кристијано Роналдо се концентрира на тоа да игра добро за Реал Мадрид и не агитира за подобрување на условите на неговиот договор со шпанскиот шампион, изјави португалскиот напаѓач. Враќајќи се во Мадрид откако и' помогна на својата земја да забележи победи против Луксембург и Азербејџан на стартот од квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил, Роналдо напиша на својот профил на Фејсбук „сега е време да се вратам во клубот и да размислувам само за мојот клуб“.
„Би сакал повторно да нагласам, без грижи околу договорот, дека сум фокусиран исклучиво на победите во секој натпревар и на освојувањето на секој расположлив трофеј заедно со моите тимски колеги и со сите ’мадридисти‘“, дополни тој.
Роналдо фрли бомба по натпреварот на Реал на свој терен против Гранада во почетокот од месецов, кога им кажа на репортерите дека е „тажен“ од професионални причини, распламтувајќи ги шпекулациите дека можеби сака да си замине. Најскапиот фудбалер во светот, кој наводно заработува околу 11 милиони евра по сезона, одби да ги прослави своите два гола во наведениот меч од Ла Лига, во кој „кралевите“ победија со 3:0, и не сакаше да ги појасни причините за за својата тага. Рече само дека „тие што работат во клубот“ знаат зошто.
Локалните медиуми пишуваа дека не се чувствува ценето и оти сака уште готовина, а забележливо прореаловскиот дневен спортски лист „Марка“ во вторникот објави дека тој побарал од клубот да му ја зголеми годишната плата на 15 милиони евра по оданочување и оти го продолжил својот договор. Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед минатата седмица негираше дека се разочарал бидејќи не заработувал доволно, но допрва треба да понуди некакво друго објаснување.
|